Законот, меѓу другото, пропишува задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи и медиуми, што се очекува да доведе до зголемување на интересот за студирање македонски јазик. Задолжително ќе биде лекторирање на сите материјали со објавување на името на лекторот, а ќе се формира и инспекторат за надзор на примена на Законот
Со 96 гласа „за“ денеска во Собранието беше усвоен Законот за употреба на македонскиот јазик, што е прва промена на досегашното законско решение од 1998 година.

Законот, меѓу другото, пропишува задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи и медиуми, што се очекува да доведе до зголемување на интересот за студирање македонски јазик. Задолжително ќе биде лекторирање на сите материјали со објавување на името на лекторот, а ќе се формира и инспекторат за надзор на примена на Законот.
Законот за македонски јазик, како што посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојческа на денешната седница, дава правна основа да се донесе национална стратегија за македонскиот јазик од што произлегуваат важни иницијативи како стипендирање ученици од четврта година средно образование и студенти на додипломски, магистерски и докторски студии во насока на мотивација за изучување на македонскиот јазик.
„Денес правиме вистински потфат во унапредување на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси. Со изгласувањето на овој закон не добиваме само нов и современ закон за македонскиот јазик туку и пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни“,
истакна Костадиновска-Стојческа.
Носењето на овој закон беше оценето како „голем чекор напред“ и „почеток на успешна приказна“ од страна на Гордана Силјановска-Давкова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според која, непочитувањето на македонскиот јазик е секојдневие во државните институции.