Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, се пофали дека му е познајник на Марк Медоуз, новиот шеф на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Интересно е дека во текстот на неговиот твитер-профил, Ѓорчев пренесува дека Трамп за личност која ќе раководи со администрацијата во Белата куќа го именувал конгресменот Марк Покан (и го тагнува), влијателен демократ од Висконсин и виден член на групата за поддршка на ЛГБТ-заедницата.
Во текстот подолу, тој сепак му честита на републиканецот Марк Медоуз, кому навистина Трамп му ја доверил оваа одговорна задача.
Ѓорчев во објавата има и заедничка фотографија со Медоуз и со конгресменот Џим Џордан, а покрај честитката за изборот, Ѓорчев изразува надеж дека заедно со нив ќе продолжат да се градат силни односи и пријателство со САД.
Марк Медоуз е четвртиот шеф на кабинетот на Трамп во неговиот мандат. Пред него оваа функција ја извршуваа Рајнс Прибус, генералот Џон Кели и Мик Малвејни.