Коалициските партнери во власта, ДОМ и ЛДП, кои на овие локални избори настапија самостојно како коалиција „Одлучно за промени“, за вториот круг јавно нема да дадат поддршка за ниту еден од кандидатите бидејќи велат дека нивните гласачи се доволно паметни да одлучат за кого да гласаат, па нема потреба да ги насочуваат.
„Ние сметаме дека нашите гласачи се доволно интелигентни и доволно паметни, што нема потреба да ги насочуваме овие 30 000 лица за кого да гласаат. Тие знаат за кого да го дадат гласот и сметаме дека секое наше јавно објавување или поддршка значи дека ние сме влегле да се пазариме со тие гласови, а нашата цел не е тоа“,
рече лидерот на ЛДП, Горан Милевски, додавајќи дека од тие причини ќе остават нивните гласачи сами да одлучат за кој кандидат ќе гласаат.
Слична изјава даде и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која кажа дека тие не располагаат со овие гласови туку тоа се гласови на граѓаните. Како што рече Морачанин, таа е убедена дека граѓаните се многу мудри и знаат што значи функцијата градоначалник, па затоа верува оти гласачите ќе го поддржат оној кандидат за кој сметаат дека ќе ја движи општината или градот во позитивен правец.
Морачанин истакна и дека сака да ги демантира шпекулациите дека биле во некакви преговори за ново парламентарно мнозинство или рушење на Владата. И ДОМ и ЛДП, посочи таа, се дел од парламентарното мнозинство и коалициски партнери во Владата. Милевски, пак, најави дека ќе разговара со премиерот Зоран Заев за промени во политиките бидејќи граѓаните ја казниле на овие избори.
Претходно и НСДП и Демократската партија на Турците преку соопштенија до медиумите порачаа остануваат во владејачката коалиција и ги демантираа шпекулациите за евентуално коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
Порака дека мнозинството е стабилно испратија и од Беса, исто како и од ДУИ, чиј портпарол Бујар Османи, кажа дека очекува дури и зголемување на мнозинството.