Докторка која работела во Ниш е четвртата жртва на коронавирусот во Србија, потврди министерот за здравство Златибор Лончар.
„Жената имаше 60 години. Беше нерегулиран дијабетичар и беше на респиратор од 21 март. Лекарите направија сè, но не успеаја да ѝ помогнат“,
изјави Лончар.
Докторката е прва жртва меѓу медицинскиот персонал во Србија, а претходно имала контакт со лице кое се вратило од Италија и кое заразило уште неколкумина.
Според последните податоци, бројот на заразени во Србија достигна 303, меѓу кои има и две бебиња, кои засега се во добра состојба.
Лончар истакна и дека досега на респиратори се ставени 21 пациент.
Министерот за здравство уште еднаш апелираше до граѓаните да останат во своите домови за да се спречи локална трансмисија на вирусот.