Нашите црвени линии се одредени во Собранието, а со нив се дефинира дека преговори за идентитетот и јазикот нема да има. Затоа оваа Влада има јасна одредница, а тоа е дека преговорите не се прават на штета на ниту еден жител, а особено не на штета на идентитетот и јазикот на Македонците, рече вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, во гостување на ТВ Канал 5
Огромно мнозинство, дури 80% од граѓаните на С Македонија се изјаснуваат за членство во Европската Унија бидејќи ги знаат придобивките и знаат многу добро што е добро за државата, затоа сметам дека нема потреби од тајни средби за технички измени на Уставот, рече Битиќи.
“Не би требало да има тајни средби. Зошто би имало тајна средба за технички промени на Уставот? Граѓаните веќе знаат што е добро за државата, знаат каде треба да припаѓаат. 80% од нив велат дека се за членство во ЕУ. Примерите од било која земја на новите членки и тие што се постари членки на ЕУ знаат дека животот во поголема унија е подобар, во смисол нуди поголеми можности и за развој и за раст се очигледни”,
рече Битиќи.
Кога станува збор за црвените линии на земјава, Битиќи кажа дека тие се одредени во Собранието уште минатата година со заклучоците во однос на францускиот предлог, со кои се дефинира дека не може да има преговори за идентитетот или, пак, за македонскиот јазик. Дополнително, вели, доколку опозицијата гласала за овие заклучоци, тогаш С Македонија сега ќе била во подобра позиција.
“Тие што не ги гласаа тие заклучоци, ако не може да се потсетат, еве, заклучоците од највисокиот законодавен орган кажуваат дека преговарање за идентитет и јазик не може да има и ако во било кој момент се влезе во преговори, преговорите може да бидат прекинати, тоа се црвените линии. Никаде не пишува дека ставање на една етничка група во Уставот значи губење идентитет, апсолутно не”,
рече Битиќи.
Според вицепремиерот, примарната цел на земјава во моментот е успешна интеграција и продолжување на европскиот пат, со оптимистичка цел да се завршат преговорите со Европската Унија за многу пократок рок од други земји кандидатки.
“Ние сме избрани да носиме одлуки кои знаеме дека ќе бидат за доброто на граѓаните. Конечно, после завршување на преговорите со ЕУ следува Референдум и граѓаните ќе се изјаснат. Аргументот дека ќе има нови услови не држи”,
вели Битиќи.