Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) соопшти дека одредила датум за почеток на воена интервенција доколку пропаднат дипломатските напори за враќање на демократскиот ред во Нигер, но не објави кога би можело тоа да се случи
По дводневниот состанок на шефовите на генералштабовите на земјите членки на блокот ЕКОВАС во главниот град на Гана, Акра, денеска беше соопштено дека преземањето воена акција би било последното средство за враќање на демократијата во Нигер и дека земјите членки за последен пат ќе се обидат на дипломатски начин да најдат решение.
„Подготвени сме да тргнеме кога ќе добиеме наредба. Одлучено е кога ќе биде денот Д, но сега нема да го откриеме”,
рече комесарот на ЕКОВАС за политички прашања Абдел-Фатау Муса.
Муса рече и дека постигнале договор за сè што е потребно доколку дојде до интервенција, но не кажа колку војници ќе бидат ангажирани, ниту од кои држави, иако поголемиот дел од членките досега се изјаснуваа дека заеднички ќе настапат за да се расчисти ситуацијата во Нигер.
„Нашиот став е дека пучот во Нигер е премногу за регионот и затоа сега ние треба да го запреме тоа, да повлечеме црта”,
рече Муса.
Најавата за воена интервенција во Нигер дојде откако истече рокот од западноафриканскиот блок ЕКОВАС за да ја вратат власта на демократски избраниот претседател Мохамед Базум. ЕКОВАС минатата недела им постави ултиматум на новите воени власти на Нигер да се откажат во текот на неделата или ќе се соочат со можна воена интервенција. Од друга страна, пак, властите на Буркина Фасо, Мали, Алжир и Гвинеја се обврзаа да го бранат Нигер во евентуален конфликт на црниот континент.
Инаку, претседателот на Нигер, Мохамед Базум, беше соборен на 26 јули кога членовите на неговата сопствена гарда го приведоа во претседателството.