Според неа, не е во прашање оптимизирањето на училиштето, туку начинот на кој живеат и учат децата
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека ќе направат напори да се сретнат и да разговараат со родителите на 13-те ученици од село Долни Балван, во општина Карбинци, кои вчера реагираа против најавената оптимизација и затворање на подрачното училиште. Родителите се незадоволни поради тоа што нивните деца од 1 септември ќе треба да посетуваат настава во соседното село Таринци.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ресорното Министерство е запознаено со случајот и кој е нејзиниот став, Јаневска рече оти се информирани за реакцијата на родителите, додавајќи дека оптимизацијата ја спроведува општината, додека Министерството дава предлог со кој се укажува што е подобро за децата.
Според неа, не е во прашање оптимизирањето на училиштето, туку начинот на кој живеат и учат децата.
„Децата не можат да живеат изолирано во одредени средини, со одредени норми, со одредени стереотипи и да учат повеќе ученици во комбинирани паралелки. Ако мора и е неоходно, да, ќе учат во комбинирана паралелка, ако селото се наоѓа 30, 40 или 50 километри оддалечено од другото најблиско училиште, но ако тие се оддалечени два до три километри од другото училиште, децата треба да се социјализираат. И постојано го повторувам ова, значи да стекнат други видици, кај нив да се побуди мотивација за учење, кај нив да се побуди некаков натпревар за достигнувања, да чујат различни мислења, па, конечно, да видат и друг различен објект, да видат смарт табла, да добијат таблет од Општината, нешто што е различно од живеење на пет деца кои се во три различни класа, а се сместени во едно одделение. Штетата е голема за нив“,
изјави министерката за образование и наука, одоговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на ООУ „Александар Македонски“ во скопската општина Аеродром.
Јаневска смета дека доколку родителите разберат за што станува збор, ќе прифатат да ги носат своите деца во друго училиште на два километри од она во Долни Балван, каде што, според неа, тие ќе учат во подобри услови.
„Сметам дека Општината, но и ние како министерство ќе направиме напори да се сретнеме со родителите или со наставниците за да ја објасниме основната причина“,
рече министерката.
Таа вели оти ставот на родителите дека ако се затвори училиштето, ќе пропадне заедницата – е неоправдан.
„Оддалеченост од два-два и пол километри не е причина за пропаѓање на било која заедница. Повторувам, во прашање се децата и добробитта на децата. Како и да е, многу пати сум рекла дека насилно ништо не правиме. Сè ќе оди во договор со општините и секако со родителите. Ќе го замолиме градоначалникот да поразговара со родителите, и ние ќе направиме напори да се сретнеме со родителите, да позборуваме за заедничко решение“,
изјави министерката за образование и наука.
Родителите на 13 ученици од прво до петто одделение од село Долни Балван вчера доцна попладне присуствувале на седницата на Советот на Општина Карбинци, каде што се усвојувале Планот и програмата за работа на Општинското основно училиште „Страшо Пинџур“, под чија надлежност се сите подрачни училишта во општината. Дел од нив за медиумите изјавија дека се против префрлањето на нивните деца во училилиштето во Таринци, изразувајќи загриженост за организацијата на транспорот дотаму и воопшто за безбедноста на децата на пат до училите и назад.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, негира дека на состанокот се гласало за затворање на училиштето, но нагласи дека условите во училиштето во Долни Балван се несоодветни, поткрепувајќи ги своите тврдења со фотографии од објектот.
Градоначалникот вели дека Општината, Министерството за образование и наука и раководството на ООУ „Страшо Пинџур“ не смеат да дозволат децата да следат настава во несоодветни услови, особено што, како што посочи, во соседното населено место има ново училиште на помалку од два километри.
Тој појасни дека според законот, комбинирана паралелка може да има максимум 10 ученици, каков што е случајот во селото Крупиште со девет ученици, каде што училиштето продолжува со работа, додека бројката од 13 ученици во Долни Балван го надминува тој лимит и го оневозможува формирањето таква паралелка.
