Според Палевски, доказите во истрагата против него се фалсификати и додаде дека Основното јавно обвинителство напишало обвинение според лажна изјава на сведокот Ерол Османи

Доказите на Обвинителството се нецелосни и манипулативни, тврдеше во својот исказ првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо на денешното рочиште во судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Одговарајќи на прашања од неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, Палевски рече дека сведокот Ерол Османи дал неточни информации за датумот на поправка на неговиот котел тврдејќи дека работата била завршена на 28 ноември 2023 година. Според Палевски, тој тогаш не бил присутен во Бутел и таквата интервенција се случила на 22 ноември.
„Физички е невозможно јас на 28.11.2023 да бидам во Бутел и да поправам котел еден час, иако тврдам, сервисот траеше повеќе од два часа. Се работи за склоп од десет запченици, што се викаат редуктор кој беше блокиран и морав да го отворам целиот и да ги преведам одново записниците за да тој механички склоп работи“,
рече Палевски.
Тој ова го поврза со тоа што, како што рече, „базни станици во извештајот на ‘Телеком’ не постојат ниту на 28 ниту на 22, што значи котелот на Ерол Османи е невозможно да бил поправан“.
Според Палевски, доказите во истрагата против него се фалсификати и додаде дека Обвинителството напишало обвинение според лажна изјава на Османи.
„Фалсификатите во оваа истрага се очигледни, а во овој случај на Ерол Османи, грешката која ја направило ОЈО е што прво го сослушала Ерол Османи, му зела изјава, напишала обвинение со лажна изјава со која се негира 22.11.2024 како критичен ден, моето тврдење дека на тој ден е правен сервисот, а вештачењето на телефонот е направено многу подоцна по моето доаѓање и екстрадиција од Република Турција, тоа е грешката со која јас го докажав овој лажен исказ“,
рече Палевски.
Палевски рече дека не го познава Панче Жежовски и негираше каква било поврзаност со него, нагласувајќи дека никогаш немале контакт ниту директно ниту индиректно.
Во овој дел тој рече дека според доказите кои ги поседува, како што рече, „постои многу повеќе од недоразбирање за бехатон“.
„Од пријавата во СВР Велес сѐ до одговорот на претседателот на Совет на јавни обвинители се цели десет години нетрпение и омраза помеѓу Панче Жежовски и Велибор Манев“,
кажа Палевски.
Во својата одбрана, Палевски посочи и други, според него, недоследности во истрагата, особено во врска со видеоснимките што ги презентираше Обвинителството.
Тој тврдеше дека снимките од видеонадзорот содржат несоодветни временски записи и оти обидите на Обвинителството да ги потврди овие докази преку сведочења на останатите обвинети биле неуспешни.
„Не може да се прогласи човек за виновен, доколку, покрај изјава, нема материјален доказ. Но, материјалниот доказ е оспорен со два државни сервери од кои произлегле докази со кои се докажува дека времињата на видеото се неточни“,
рече Палевски.
Тој понатаму рече дека очајниот обид со изјава и исказ на обвинет да се потврди ова видео е неуспешна, притоа наведувајќи неколку причини.
„Доказната вредност на овој исказ е никаква затоа што Велибор Манев тврди првата вечер, потоа втората вечер, а во видеото има вечер и утро, а не две вечери. Влатко Кешишев е вториот ресурс за овој фалсификат да стане доказ, па така,тврди дека вечерта на 21.11.2023 година, по половина час состанок, после пристигнувањето сме заминале пеш кон куќата на Панче Жежовски“,
додаде Палевски.
Палевски понатаму, на прашања од Страшевски, зборуваше за функционирањето на партијата Десна.
Палевски е последниот сведок кој сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети.
Минатата недела, поради здравствени проблеми на бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски, адвокатот Јовица Страшевски, рочиштето беше одложено.
Претходно Палевски одговараше на директни прашања на неговиот адвокат во врска со тоа што правел на 22 ноември, кога е убиен Панче Жежовски, како и за престојот во Србија и Турција.
Палевски негираше вмешаност во грозоморните убиства и кажа дека ако сакал да оствари некакво користољубие тоа ќе го сторел со уцена на, како што кажа, милијардери со „ферари“, но не го сторил тоа.
Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека, Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.
Според обвинението Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се товарат дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.