Спасовски објасни дека во моментот јавно не може да се каже ништо повеќе од тоа што тој веќе го кажал пред Анкетната комисија, бидејќи со тоа се навлегува во деталите на истрагата
„Вештачењата треба да ги покажат сите аргументи, сите факти, сите докази во целата таа постапка и на основа на тоа што ќе биде од вештачењата, доказите коишто ќе бидат понудени, секако дека ќе се носи одлука во Јавното обвинителство“, потенцираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител запрашан за скандалот на Клиниката за онкологија и за сведочењето пред Анкетната комисија.
Посочи дека веќе неколку пати во неговите интервјуа изминатите денови кажал дека материјалите коишто се одземени, во моментот се наоѓаат на вештачење.
Министерот објасни дека се водат финансиски истраги за седум лица, но тоа не значи дека тие се осомничени или дека тоа ќе биде конечен број на лица, а со самото тоа не може во моментов да се каже на кои позиции се тие на Клиниката за онкологија.
„Знам дека тоа е тема која предизвикува внимание во јавноста, меѓутоа е многу важно до крај да се завршат работите и на основа на сѐ што ќе се обезбеди како доказ, да се именуваат тие коишто се виновни во овој случај, да се изведат пред лицето на правдата и секако да се оттргне вината, генерално, од лекарската фела“,
истакна министерот Спасовски.
Спасовски објасни дека во моментот јавно не може да се каже ништо повеќе од тоа што тој веќе го кажал пред Анкетната комисија, бидејќи со тоа се навлегува во деталите на истрагата.
„Секогаш е најдобро кога истрагата се води во институциите, а кога ќе дојде момент за соопштување во јавноста, тоа да го направиме. Инаку, апсолутно не е целисходно ние сега да излегуваме во јавноста, да шпекулираме, да нагаѓаме – тоа само ќе му штети на овој процес. Работиме заедно со Јавното обвинителство, интензивно, врз основа на планот што го правиме, тој план може да доживува промени во текот на постапката, а нашата цел е најбрзо можно да се завршат овие постапки и на крај да резултираат со очекувањата“,
потенцираше Спасовски.
Министерот во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 пред една недела рече дека очекува сите факти и аргументи да бидат потврдени, и дека врз основа на нив ќе се конкретизира вината бидејќи, како што нагласи, виновникот секогаш има име и презиме и тој треба да биде изведен пред лицето на правдата.
На забелешката дека се поминати 40 дена откако МВР влезе на Онкологија и дека се уште нема ништо конкретно, Спасовски беше дециден дека ниту една истрага не може да биде орочена со датум.
„Треба да има квалитет во истрагата. Јас не сум приврзаник на тоа дека ние треба предвремено и само заради задоволување на јавноста да влечеме потези коишто нема да бидат релевантни. За мене е важно да го завршиме комплетно тоа што го бара Обвинителството од сите институции кои што се вклучени, да се обезбедат доказите и тој што е виновен да сноси одговорност. Никако да не се поистоветуваат ниту институцијата како Клиника за онкологија, ниту сите лекари, сите медицински работници коишто се внатре“,
изјави Спасовски.
Првиот човек на МВР верува дека ќе има доволно докази за тоа што го очекува.