Авторите на студијата велат дека резултатите се вознемирувачки и бараат од политичките чинители подлабински да се соочат со феноменот на ширење на лажни вести
Сѐ повеќе Германци веруваат во тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин, при што на истокот од земјата бројот на оние кои ѝ веруваат на Москва е многу поголем отколку на западот, покажува студијата на Центарот за следење, анализа и стратегии, пренесува Дојче Веле.
„Нападот на Русија на Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Москва не можеше да ги игнорира“,
е тврдење во кое веруваат 19 отсто од германските граѓани, што е седум проценти повеќе отколку во април.
Студијата на овој тинк-тенк покажува дека особено на истокот од земјата подготвеноста да се верува на пропагандата од Москва е голема. Во неа се вели дека една третина од испитаниците верува оти НАТО ја провоцирала Русија. Но, она што е интересно е дека на западот од Германија, во ова тврдење веруваат двојно помалку луѓе.
Слична е ситуацијата и со тврдењата дека Путин води борба против глобалната елита која „од позадина ги влече конците“, во кое веруваат 27 проценти од испитаниците од истокот на Германија, а 16 отсто на западот.
Најголема поддршка на оваа теорија на заговор има кај гласачите на десно-популистичката Алтернатива за Германија. Речиси половина од гласачите на оваа партија сметаат не само дека НАТО ја провоцира Русија, туку и оти Украина е дел од Русија.
Авторите на студијата велат дека резултатите се вознемирувачки и бараат од политичките чинители подлабински да се соочат со феноменот на ширење на лажни вести.