Ова е четврти ден по ред неделава откако пристигнуваат дојави за поставени бомби во училишта во земјава. Во сите случаи полицијата утврди дека се работи за лажни дојави
Вкупно 16 училишта во Скопје денеска на своите мејл-адреси добиле заканувачки пораки за поставени бомби.
По добиената пријава, полициски екипи на МВР ги евакуирале објектите, а по направените антитерористички проверки утврдиле дека се лажни сите 16 дојави за поставени експлозиви.
„Министерството за внатрешни работи информира дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 училишта во Скопје по добиените пораки на електронски адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се вели во соопштението на МВР.
Ова е четврти ден по ред неделава откако пристигнуваат дојави за поставени бомби во училишта во земјава.
Вчера дојави за поставени експлозивни направи во своите објекти добија 16 скопски, две кумановски и девет училишта во Струшко. Во средата, вакви закани добија 16 скопски и четири прилепски училишта, а ден претходно, односно во вторникот, дојави за поставена бомба беа пристигнати на електронските адреси на 14 професори во едно средно училиште во Скопје.
По извршените проверки беше констатирано дека станува збор за лажни дојави во сите случаи.