Моменталните односи на земјава и Бугарија, според ИК на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не биле полоши, зашто, како што велат оттаму, базирани се на постојани тензии, уцени и условувања
„За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски, која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по вечерашната седница на ИК на партијата
Наместо да созадава пријателски односи и меѓусебна соработка, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е затруено дрво кое раѓа затруени плодови. Ова е еден од ставовите на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои во форма на заклучоци биле донесени на денешната седница на која се разговарало за домашната политичка и економска состојба, како и за односите со Бугарија.
Моменталните односи на земјава и Бугарија, според ИК на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш не биле полоши, зашто, како што велат оттаму, базирани се на постојани тензии, уцени и условувања.
„Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонските народ, идентитет и јазик постојано се проширува. За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски, која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по седницата на ИК.
Извршниот комитет на опозициската партија негативно ја оценил и економската состојба во земјава, а прстот за тоа го впери во Владата која, според ВМРО-ДПМНЕ, е неспособна да ги заштити граѓаните и компаниите од економската криза.
„Единствено за што е способна оваа власт се криминал и корупција, што го покажа и последниот извештај на Транспаренси интернешнл, каде што Македонија е во друштво на Суринам, Тунис и Индија. Затоа, единствен спас и излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори, за што поскоро да дојде власт која ќе почне да ја вади Македонија од калта во која ја заглавија СДС и ДУИ“,
заклучуваат од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, на денешната седница на Извршниот комитет на опозициската парија биле донесени и кадровски одлуки.
За нов претседател на Градскиот комитет во Скопје е назначен Бојан Христовски, а на чело на ОК Тетово ќе застане пратеникот Александар Велјановски.