Ова доаѓа откако Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрлил жалбата на адвокатите на Додик против одлуката на Централната изборна комисија на земјата, оценувајќи ја како неоснована, бидејќи изборниот закон на БиХ предвидува дека секој избран функционер правосилно осуден на затворска казна во траење од повеќе од шест месеци, по автоматизам го губи мандатот
Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на земјата за негово разрешување од функцијата претседател на Република Српска, објавија регионалните медиуми.

Со произнесувањето на судот, одлуката на ЦИК стана конечна и обврзувачка, а Додик и официјално остана без претседателски мандат.
Имено, како што пренесе ХРТ, Централната изборна комисија потврдила дека Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрлил жалбата на адвокатите на Додик оценувајќи ја како неоснована, бидејќи изборниот закон на БиХ предвидува дека секој избран функционер правосилно осуден на затворска казна во траење од повеќе од шест месеци, по автоматизам го губи мандатот.
За потсетување, Судот на БиХ во јули правосилно го осуди Додик на една година затвор поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит. По ова Централната изборна комисија на земјата му го одзеде мандатот што Додик го доби на изборите во октомври 2022 година.
По судската разврска, сега се исполнети условите ЦИК да распише предвремени избори за претседател на Република Српска, кои треба да се одржат во рок од 90 дена.
Инаку, пред да биде објавена пресудата на Апелацискиот оддел на Судот на БиХ, Додик претходно во текот на денот во Бања Лука изјави дека нема намера да се повлече од функцијата претседател на Република Срспска и најави серија референдуми со кои, според него, треба да започне процесот на отцепување, односно одвојување на овој ентитет од Босна и Херцеговина.
„Се ставам на чело на народното движење за ослободување на РС од БиХ“,
изјави Додик, повторно заканувајќи се дека нема да дозволи да се отворат избирачки места на територијата на РС за гласање за нов претседател на ентитетот.
Доколку навистина преземе такви чекори, Додик повторно ќе ги прекрши законите на БиХ, што повторно ќе го доведе во ситуација да очекува нова затвроска казна.
Инаку, како што наведува ХРТ, опозициските партии во Република Српска изразиле подготвеност да учествуваат на предвремени избори, а единствен што се колеба е претседателот на Партијата за демократски напредок (ПДП), Драшко Станивуковиќ, и градоначалникот на Бања Лука, за кого аналитичарите тврдат дека е всушност резервен играч на српскиот претседател Александар Вучиќ, кого би сакал да го види како наследник на Додик на чело на ентитетот.