Норвешкиот Нобелов комитет ја удостои со наградата „за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите“
Иранската активистка за човекови права Наргес Мохамади е наградена со Нобеловата награда за мир на денешната церемонија во Осло. Нејзините деца, Киана и Али Рахмани, ја примија наградата во име на Мохамади (51), која останува во ирански затвор.
При приемот на признанието, нејзините деца го прочитаа говорот напишан во озлогласениот затвор Евин во Иран.
„Јас сум Иранка, горда и чесна придонесувач за цивилизацијата, која моментално е под угнетување на деспотска верска влада. Јас сум затвореничка која, поднесувајќи длабоки и душевни страдања кои произлегуваат од недостигот на слобода, еднаквост и демократија, ја препозна неопходноста од своето постоење и најде вера“,
наведува Мохамади, меѓу другото, во нејзиниот говор.
Норвешкиот Нобелов комитет ја удостои со наградата „за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите“.
Таа вчера на својата страница на Инстаграм, која ѝ ја одржуваат пријатели во странство, објави дека стапила во тридневен штрајк со глад.
„На денот на церемонијата на доделување на Нобеловата награда, сакам да бидам гласот на Иранците кои протестираат против неправдата и угнетувањето. Иранскиот народ на крајот ќе го надмине авторитаризмот наметнат од владата која ги загуби и легитимитетот и јавната поддршка“,
напиша Мохамади.
Другите добитници на Нобеловата награда за литература, медицина, физика, хемија и економија, исто така, ќе бидат одликувани денеска на посебна церемонија во Стокхолм, со која ќе претседава шведскиот крал Карл XVI Густаф.