Со измените, инспекторите ќе може да затвораат објекти и да наплаќаат казни на самото место
Собранието вчера не расправаше за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести на барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што побараа дополнително време за да ги разгледаат
Сите угостителски објекти каде што се одржуваат свадби и други веселби, или на друг начин ги кршат протоколите за заштита, добиваат кривични пријави, а откако Собранието ќе ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, ќе може да бидат затворени на 30 дена и да им се изрече парична казна на самото место со платен налог.
Директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, објаснувајќи ги нивните надлежности на денешната прес- конференција, рече дека во моментот кога измените и новите мерки ќе стапат во сила, тие веднаш ќе почнат да ги применуваат. Но предупреди дека одговорноста и свеста кај граѓаните, сепак, игра најголема улога во заштитата, бидејќи нема што да се преземе друго ако не влијаат казните.
Токму инспекторатот со кој раководи Пауновски направил најголем дел од вкупно 2 183 контроли што изминатата недела (од 12 до 18 октомври) ги спровеле шесте инспекциски служби што ги обединува Инспекцискиот совет.
При тие 1 180 контроли на Пазарната инспекција, поднесени се 24 прекршочни пријави за нерегистрирана дејност или прекршување на работното време, а седум биле за непочитување на здравствените протоколи: две се за свадби во Скопје и Тетово и пет за локали кои не почитувале растојание и број на маси и друго.
Во овие 7 дена Здравствениот инспекторат издал решенија за изолација на 5 243 поради контакти со заразени.
Инспекторатот за труд казнил 23 субјекти за прекршување на законот во однос на исплатата на плати, работното време и заштитата на здравјето на работниците.
Три кривични пријави поднел Инспекторатот за транспорт, од кои едната е за непочитување на протоколот за меѓународен превоз на граничниот премин „Деве Баир“ и за превозник од Штип за непочитување на протоколите за меѓуградски превоз на патници.
Со законските измени, инспекциските служби добиваат поголеми овластувања за надзор и за санкционирање на фирми и физички лица при прекршување на протоколите за заштита од ковид-19.
Казните за претпријатијата што нема да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот ќе се движат од 2,5 илјади до 30 илјади евра, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мало, средно или големо претпријатие