Бајден, кој е на одмор во Камп Дејвид, е „длабоко ангажиран“ во однос на ситуацијата и е во контакт со својот тим за национална безбедност во врска со мисијата за евакуација на Американците и Авганистанците, вели неговиот советник за наионална безбедност Џејк Саливан, кој најави негово обраќање, но не кажа кога
Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен рече дека американскиот народ може да очекува претседателот Бајден да им се обрати „наскоро“, но не кажа дали тоа ќе биде денеска.

Бајден, кој е на одмор во Камп Дејвид, е „длабоко ангажиран“ во однос на ситуацијата и е во контакт со својот тим за национална безбедност во врска со мисијата за евакуација на Американците и Авганистанците, рече Саливен.
„Тој ќе му се обрати на американскиот народ во вистинско време“,
рече советникот во интервју за Еј -би -си утрово, пренесе Си -ен -ен.
Саливен ја бранеше одлуката на претседателот да ги повлече американските сили од Авганистан, и стана најновиот функционер во Белата куќа, кој ја обвини владата и безбедносните сили на таа земја за преземање на Авганистан од Талибанците.
„Мислевме дека авганистанските национални безбедносни сили ќе застанат и ќе се борат, затоа што потрошивме 20 години, потрошивме десетици милијарди долари за да ги обучиме, да им ја дадеме најдобрата опрема, дадовме поддршка од американските сили за 20 години, и кога имавме проблеми се појавија, тие одлучија дека не се борат за својата земја “,
рече Саливен.
Бајден викендов ја бранеше својата одлука да ги повлече американските војници, оценувајќи дека американското присуство во Авганистан во последните 20 години не е прифатливо.
„Уште една година или уште пет години американско воено присуство нема да направи разлика. Бескрајното американско присуство среде граѓански конфликт во друга земја не беше прифатливо за мене“,
рече Бајден.
Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, го повика својот наследник, Џо Бајден, да поднесе оставка поради ситуацијата во Авганистан.
„Време е Џо Бајден да поднесе оставка поради ова што се случува во Авганистан. Тоа не би требало да биде голема работа со оглед на тоа што тој не беше легитимно избран“,
рече Трамп, критикувајќи го Бајден за ситуацијата во Авганистан, но и порастот на случаи на коронавирус во САД, имигрантската, економската и енергетската политика.
Талибанците вчера влегоа во Кабул и ја окупираа претседателската палата, откако претседателот избега во Узбекистан.
Портпаролот на Талибанците Мохамед Наим рече дека војната во Авганистан е завршена, дека сакаат да имаат односи со меѓународната заедница и оти сакаат тоа да го постигнат преку дијалог.
Повеќето странски дипломати беа евакуирани веднаш, а на аеродромот во Кабул владее хаос. Илјадници Авганистанци очајнички се обидуваат да избегаат од земјата која сега е под власт на Талибанците.
Ситуацијата на аеродромот во Кабул се влошува и станува јасно дека е многу тешко за американските сили стационирани таму да ја одржуваат безбедноста откако илјадници Авганистанци влегоа во аеродромот во обид да побегнат од земјата. На видео снимките од Кабул се гледа како стотици лица трчаат на пистата и се качуваат на еден воен авион.