Судскиот совет на денешната седница едногласно ја предложи судијката Добрила Кацарска за нов судија на Уставниот суд, потврдуваат од Судскиот совет.
Предлогот за судијката Кацарска ќе биде испратен на гласање во Собранието, каде што ќе се гласа за нејзиниот избор на оваа функција.
Кацарска, која е судијка во Основниот кривичен суд Скопје од 1986 година, е предложена од Судскиот совет на местото на Владимир Стојановски, кому му истече мандатот.
Од попознатите предмети во јавноста, Кацарска ги судеше најобемниот предмет за настаните од 27 април и случајот „Тенк“ за начинот на набавка на блиндираниот „мерцедес“ во кој на затворски казни се осудени Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски.
Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието за време од девет години, без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.