Градоначалникот на Скопје е уверен дека до крајот на мај ќе отпочнат градежните активности за реконструкција на Универзална сала. Шилегов денеска изјави дека е завршена постапката, отворени се и евалуирани понудите кои стигнале до Град Скопје и е во финална фаза изборот за најповолен понудувач.
„Според постапките определени од Законот за јавни набавки, треба да се оддржи наддавањето, да се изврши изборот и да се испочитуваат роковите за жалба. Во секој случај, јас очекувам во втората половина од овој месец или до крајот на мај да отпочнеме со градежни активности“,
вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Универзалната сала, според планот за реконструкција кој што пред неколку месеци го претставија градските власти ќе го задржи истиот габарит и автентичниот изглед. Нејзиниот капацитет ќе биде намален и таа ќе има од 1 100 до 1 200 седишта. За нејзиното реновирањето беа издвоени 120 милиони денари од централниот буџет.