Ова е дел од ставот што „360 степени“ го доби од Антикорупциската комисија откако вчера обвинителството покрена обвинение за две кривични дела против актуелната претседателка на телото, Татјана Димитровска.
Прашањата беа адресирани и до службената електронска адреса и на претседателката на ДКСК, но од неа засега немаме одговор
Државната комисија за спречување на корупцијата има кредибилитет да ја продолжи својата работа. Така велат од Антикорупциската комисија на едно од трите прашања што „360 степени“ вчера ги испрати до институцијата. Повод за прашањата, пак, беше одлуката на обвинителството да поднесе обвинение против претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.
Подетално, интегралниот одговор на нашето прашање „Дали по поднесувањето на обвинението Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека има морален легитимитет и кредибилитет да продолжи да работи во овој состав, без разлика дали претседателката Татјана Димитровска ќе поднесе или нема да поднесе оставка?“, е:

„Ве известуваме дека Државната комисија продолжува да работи редовно и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а нејзиното функционирање е од исклучителна важност за општеството. Одговорноста е индивидуална, поради што Комисијата поседува кредибилитет и продолжува со своето работење“,
ни одговорија од ДКСК.
Ако се чита меѓу редови, додавањето на реченицата „одговорноста е индивидуална“ може да се толкува како дистанцирање на остатокот од институцијата од нивната претседателка. Аргумент плус кон таквиот впечаток е одговорот што го добивме од ДКСК на прашањето – „Дали претседателката (ќе) си поднесе оставка по обвинението?“
„Цениме дека одговор на прашањето треба да даде лично претседателката Татјана Димитровска“,
ни одговорија од ДКСК.
Не случајно кога ги упативме прашањата во комуникацијата ја додадовме и адресата за е-пошта на претседателката Татјана Димитровска. Но, од неа засега немаме никаков одговор – дали ќе поднесе оставка или не. И, од кои причини, како и да одлучи.
Комуникација со семеен пријател
Има две причини, поточно основано сомнение за сторени две кривични дела, поради кои Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал вчера поднесе обвинение против Татјана Димитровска и две други лица. Едното е дека оддавала службени тајни, поточно на лице осомничено во предметот „Адитив“ му оддавала информации за постапки кои му биле предмет од интерес. Второто кривично дело кое и се става на товар е компјутерски фалсификат. Кога требала да полага електронски, за да се здобие со безбедносен сертификат, наместо неа тестот го полагал нејзин колега од Државниот завод за ревизија. Сега и тој е осомничен за истото дело.
Сомнежот дека Димитровска оддавала службени тајни го обзнани обвинителството уште во април. Ставена под јавен притисок да даде оставка уште тогаш, таа одби. Тврдеше дека спорната комуникација се состоела од разговори кои немаат никаква врска со предметот „Адитив“.

„Од соопштението на ОЈО ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, пред да му е изречена мерка притвор. По оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот ‘Адитив’. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на кој било аспект на истрагата. Ова го тврдам одговорно“,
напиша Димитровска во соопштението доставено до медиумите на 30 април 2025 година.
Димитровска, тогаш, порача дека кредибилитетот и интегритетот на Антикорупциската комисија не смеат да бидат оспорени, особено имајќи ги предвид принципот на пресумпција на невиност и владеење на правото, а и фактот што останатите шест члена од Комисијата немаат поврзаност со делото за кое е осомничена.
„До конечно изјаснување на Обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“,
напиша претседателката на ДКСК во соопштението испратено до јавноста на 30 април 2025 година.
Нови околности
Иако имаше по некоја прозивка, и медиумите и политиката ја оставија на страна Татјана Димитровска. Но, сега, откако има и обвинение дека сторила не едно, туку две кривични дела, околностите се сменети.
Вчера во изјава за Телма поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, го повика Собранието да го исчисти образот на институцијата.

Таа доколку и понатаму не дава оставка, односно не и значат овие етички норми со кои што прави голема штета на институцијата сметам дека Собранието има одговорност и законско право да ја разреши и да избере нов претседател и со тоа да заврши оваа темна страница на институцијата“,
кажа Ивановска.
На Татјана Димитровска ѝ е одземен пасошот, но смее да оди на работа. Сепак, забрането ѝ е да работи на предмети, да има контакт со пошта и друга документација.
Колегата што ѝ го положил испитот за безбедносен сертификат, според ставот на Државниот завод за ревизија, веројатно нема да може да го прави ниту тоа.

„Во интерес на заштита на ДЗР, истиот ден писмено се обративме преку електронска пошта до надлежното обвинителство за добивање на детални информации и согласно склучениот меморандум за разбирање меѓу ДЗР и ЈОРСМ за да можеме да ги преземеме сите мерки и активности согласно одредбите на законот за државна ревизија и одредбите на законот за административни службеници,
изјави главниот државниот ревизор Максим Ацевски за ТВ Телма.
Истрагата против Татјана Димитровска почна по вештачењето на телефонот на ексдиректорот на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ. Тој е еден од обвинетите во „Адитив“ – случај во кој бил местен тендер за набавка на адитиви при согорување на јаглен во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. Штетата по државата тогаш беше процената на 6,5 милиони евра.