„Секоја изјава за договорни партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања“, велат од Комисијата
Вработувањата во јавната администрација не смеат да бидат договор на политички структури – предупредува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити на партиски настан во Шуто Оризари минатата недела најави вработување на илјадници Албанци во државната и јавната администрација во рок од една година.

„Секоја изјава за договорни партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања“, велат од Комисијата.
ДКСК укажува дека секое вработување мора да биде во рамки на законот, по мерит-систем и без никакви влијанија бидејќи само на овој начин, како што посочуваат оттаму, ќе се овозможи враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе се спречи коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам.
„Ве информираме дека во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности, ДКСК веќе направи антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му укажа на можните ризици од корупција кои истите ги генерираат“, соопштија од ДКСК.
На изјавата на првиот вицепремиер Изет Меџити, со која тој најави масовно вработување на Албанци во јавната и државната администрација, прв реагираше невиниот владин колега, министерот за јавна администрација од редовите на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев. Му порача да не се однесува како Алиса во земјата на чудата, ветувајќи нешто што е нереално и невозможно без кршење на законите и принципите на доброто управување.
Меџити, пак, му врати оти адекватната застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија, без разлика дали тоа му се допаѓа или не.