Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го проверува имотот и на судиите што не се претседатели на судови, но во следните тромесечја од годинава.
Во текот на оваа година „под лупа“ ќе биде и имотот на обвинителите од редовното обвинителство.
Овие категории во правосудството не влегле во списокот за проверка во првиот тримесечен план, затоа што не биле обезбедени сите податоци.
ПОВРЗАНА ВЕСТ: И обвинителите од СЈО „под лупа“ на Антикорупциска
Проверките во правосудството ќе се вршат цела година
Антикорупциската комисија вчера го објави својот акциски план за проверка на имотната состојба на носители на функции во првото тромесечје на годинава. Во документот, кој е дел од годишниот план на институцијата, се најдоа три категории на функционери од областа на правосудството – претседателите на основните судови, на апелациските судови и поранешните обвинители од СЈО.

Акцискиот план е на линија на досегашните најави на претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, дека Антикорупциска годинава ќе споредува што во своите анкетни листови пријавиле како имот судиите и обвинителите, а што велат податоците за истите лица во банките, катастарот, берзата. Но, во планот за првото тромесечје, евидентно е дека недостасуваат обвинителите од редовното обвинителство и претседателот на Врховниот суд.

Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, за „360 степени“ вели дека не постои никаква селективност, туку дека акцискиот план за првото тромесечје е составен според можностите и информациите со кои во моментот располагаат. Таа најавува дека проверките ќе продолжат во следните тромесечја.

„Останатите судии и обвинители ќе бидат опфатени во вториот и останатите квартални планови, според можностите и капацитетите на ДКСК. Динамиката ќе зависи од тоа кога ќе ни бидат доставени податоците од Судскиот совет и од Јавното обвинителството, кои се побарани пред околу еден месец“,
изјави Ивановска за „360 степени“.
Антикорупциска, вели Ивановска, бара податоци од Судскиот совет затоа што изработиле методологија за проверка според работењето на поединечни судии. Идејата е, на пример, што поскоро да се проверуваат судиите за кои има најмногу дисциплински постапки, за кои има најмногу поплаки од граѓани или оние кои имаат најмногу заостанати предмети.
Објаснувањето на Ивановска за тоа што на списокот за проверка го нема претседателот на Врховниот суд е дека за претходниот претседател, Јово Вангеловски, активно се работи уште од април 2019 година. За актуелниот претседател, Фаик Арслани, Антикорупциска имала во предвид дека тој е вршител на должност.