Во образложението на Антикорупциска се наведува дека политичката определба не може да биде критериум за разрешување поротник од функцијата
Антикорупциската комисија смета дека нема судир на интереси при изборот на поротникот Митко Сандев, за кој ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е член на Партијата на пензионерите, која, пак, е коалициски партнер на СДСМ.
Во образложението на ДКСК се наведува дека политичката определба не може да биде критериум за разрешување на поротник од функцијата. Комисијата упати апел до сите политички партии да не ги злоупотребуваат и да не манипулираат со нив во пресрет на локалните избори.
„Во конкретниот случај, ДКСК не утврди прекршување на одредбите за судир на интереси, согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Исто така, ДКСК констатира дека во Законот за судовите и Етичкиот кодекс за судиите и судиите-поротници не постојат јасни и прецизни критериуми за избор и ограничувања на судиите-поротници“,
се вели во мислењето на Комисијата.
ДКСК укажува дека судија поротник во своето постапување и извршување на своите должности треба да постапува согласно начелото на интегритет и во вршењето на своите обврски да внимава на евентуален судир на интереси и не смее да се раководи од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси.
„Во случај на сомневање за постоење судир на интереси, должен е да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности и за тоа да го извести својот претпоставен. Прикривањето на постоење приватен интерес претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување мерки согласно со Законот за спречување корупција и судир на интереси“,
се вели во мислењето на ДКСК во врска со претставката поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.“
Од Комисијата појаснуваат дека начинот и критериумите за избор на судии и судии-поротници, како и ограничувањата при нивниот избор се уредени во членовите од 41 до 50 од Законот за судовите.
„Во член 42 став 2 е наведено дека за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин, со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години, а во член 43 став 1 оти при изборот на судии и судии-поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“. Наведените одредби не укажуваат на посебни критериуми при изборот на судии-поротници и истите забрануваат дискриминација“,
појаснуваат од ДКСК.
Оттаму додаваат дека член 52 од истиот Закон кој се однесува на забрани и ограничувања за судиите за време на нивната судска функција, не се однесува на судиите-поротници и истиот не може да се применува при извршувањето на нивната должност.
ВМРО-ДПМНЕ побара да се утврди дека поротникот Сандев, како член на Партија на пензионери, односно партија која е коалициски партнер на владејачката партија СДСМ, има судир на интереси при неговата работа.
Опозициката партија претходно информираше дека поднеле претставка и барање за утврдување судир на интереси до Антикорупциската комисија за судијата поротник Митко Сандев, како и претставка до Народниот правобранител.
„Во прилог доставивме и преглед од статутарна комисија каде што членува господинот Митко Сандев во политичка партија. Доставивме и докази, практично, дека има навршени 60 години и треба да му биде прекинат мандатот како судија поротник и затоа побаравме и итно постапување од страна на господинот Насер Зибери. И повеќе од јасно е дека се води политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ со непостапувањето на Иван Џолев, како претседател на судот. И повеќе од јасно е дека ова се се прави свесно за терор врз ВМРО-ДПМНЕ со ова непочитување на Законите“,
посочија од партијата.
Митко Сандев е судија поротник во случајот „Талир“ на поранешното СЈО поврзан со оваа политичка партија. Тој е поротник уште во неколку случаи на СЈО што би можеле да бидат вратени на повторно судење, доколку биде разрешен член на судечкиот совет.