Антикорупциска го испратила барањето за обезбедување на потребната документација до генсекот на Владата на 16 јули, кое го примил вчера (23 јули). Предметот, како што беше посочено на денешната седница на ДКСК, ќе биде разгледан откако ќе биде доставена потребната документација и ќе се донесе одлука во најбрзо време
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја чека документацијата од генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, во врска со неговата имотна состојба со која треба да се утврди точноста на податоците кои тој ги искажал во анкетниот лист. Ова беше соопштено на денешната седница на Антикорупциската комисија, а следува еден ден откако ДКСК објави дека отворила предмет за имотот на владиниот генерален секретар.

„Побарани се податоци и по нивното обезбедување од сите институции до кои е доставено барањето ќе ја изанализираме состојбата и ќе донесеме одлука на јавна седница“,
рече претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, во одговор на новинарско прашање по денешната седница на Комисијата.
Членот на ДКСК, Зоран Богоевски, на денешната седница информира дека Антикорупциска го испратила барањето за обезбедување на потребната документација до Јанушев на 16 јули, а вчера (23 јули) е примено од страна на генсекот на Владата. Предметот, како што рече, ќе биде разгледан откако ќе биде доставена потребната документација и ДКСК ќе донесе одлука во најбрзо време.
Антикорупционерите информираа дека веќе постапуваат по уште еден актуелен предмет оформен неодамна – патувањето на постариот син на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон во периодот кога македонска делегација беше во САД каде што учествуваше на Самитот на НАТО.