Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) му препорача на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и на членовите на Советот на Општината да внимаваат на квалитетот на плановите и да има поголема вклученост на граѓаните и стручната јавност во процесот на нивно донесување.
Реакцијата на ДКСК доаѓа по анализа на јавната набавка, со која Општина Центар ја ангажираше планерската фирма „Билд урбан“ ДООЕЛ за изработка на детален урбанистички план во строгиот центар на Скопје, по цена од еден денар за квадратен метар.
Антикорупционерите не нашле слабости во спроведување на постапката, но посочуваат дека поради ниската цена Општината нема механизми како да наплати штета.
„Предвидени се одредби со кои е потребно економскиот оператор да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот во износ од 10 отсто од вкупната вредност. Исто така, предвидено е договорна казна во износ од 1 промил од вкупната договорена цена на услугите кои се предмет на договор за секој ден задоцнување. Имајќи ја предвид вредноста на договорот од 1 денар, произлегува дека во овој случај Општината не располага со адекватни, ефикасни и правни механизми за наплата на штета и постои ризик од ненавремено и неквалитетно извршување на договорот без посериозни и финансиски последици по економскиот оператор, дотолку повеќе што се доведува во прашање квалитетот на уредувањето и хуманизацијата на просторот. Оваа состојба, Комисијата за јавни набавки требала да ја има предвид и да ја согледа при оценувањето на прифатливоста на образложението за невообичаено ниската цена доставена од економскиот оператор“,
рече на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

„360 степени“ уште минатата година објави дека ДУП во строгиот центар на Скопје, кој го опфаќа просторот околу „Холидеј ин“, се црта по рекордно ниска цена. Станува збор за планот Ц 08, кој во 2012 година е изработен од ист планер, но е ставен под мораториум поради неусогласеноста со Генералниот урбанистички план. Фирмата што го изработила претходното, а го работи и новото решение е на Бојан Муличковски, син на доајенот на македонската архитектура Петар Муличковски. Кога лани го побаравме, Муличковски тврдеше дека не се борел за материјална корист туку за референција – неговата фирма да изработи план во строгиот центар на Скопје.
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, тогаш кажа дека Општината го набљудува процесот, дава насоки и не би усвоила нешто што отстапува. Но, професорката Дивна Пенчиќ, како членка на Комисијата за урбанизам во Општина Центар, тогаш сведочеше дека планирањето е на примитивно ниво, а планерските куќи одбиваат да поправат суштински забелешки од комисиите за урбанизам. Се случува дури и да речат дека ги внеле забелешките, а по проверката Комисијата да заклучи дека не е така, по што плановите постојано ги враќаат на корекција и не можат да се ослободат од мораториумот.

Овие висококатници се планирани за паркингот спроти „Холидеј ин“, а земјиштето е продадено во време на мораториум. Од ДКСК предупредуваат на ризик од корупција.
„Фактот дека планот се изработува по исклучително ниска цена, го зголемува ризикот од коруптивно однесување, односно вклучување зделки меѓу планерот и сопствениците на земјиштето кои се идни инвеститори. Од увидот во документацијата, утврдивме дека забелешките што Комисијата за урбанизам, која е формирана од градоначалникот, во повеќе наврати ги упатувала до планерот, не се прифатени во целост, а Општината како нарачател на услугата не го искористила правото да не ја прифати извршената услуга која е предвидена со договорот со економскиот оператор“,
кажа Ивановска на денешната прес-конференција.
Ивановска рече и дека градоначалникот на Општината не постапил согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој е предвидено обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичко планирање.
„Препорачуваме, градоначалникот и советот да водат сметка за квалитетот на плановите што ќе ги донесат, притоа имајќи ги предвид и почитувајќи ги одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, дека ДУП, како план од понизок ранг, мора да е усогласен со Генералниот урбанистички план и дека е задолжително формирање партиципативно тело и обезбедување инклузивност и јавност на процесот. Органите на Општината и сите институции што учествуваат во одобрувањето на плановите, особено да водат сметка за стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето, хармонизацијата и хуманизацијата на просторот со плански одредби кои ќе ја штитат и стимулираат приватната сопственост, но на начин со кој нема да го повреди јавниот интерес. Законите на природата не признаваат ниту корупција ниту трпат амандмани, а за оние што се упорни во намерата да ја извитоперат животната средина, природата казнува со катастрофи од кои страдаме сите“,
рече Ивановска.