Институцијата моментално има вкупно 17 инспектори за цела држава, од кои петмина се пред пензија. А, надлежни се да постапуваат по 25 закони и околу 250 подзаконски акти.
Државниот инспекторат за животна средина доставил план за вработување и очекува засилување од 12 инспектори, откако Владата донесе одлуки Министерството за финансии „со највисок приоритет“ да одобри вработување на нов кадар.
Инспекторатот бара 9 инспектори за животна средина, 2 водостопански инспектори и еден инспектор за заштита на природата. Оттаму велат дека со засилувањето би се покриле сите региони, вклучително и тие што досега немаа на располагање ниту еден инспектор.
„Државен инспекторат за животна средина го достави Планот за вработување за 2021 година и очекува позитивен одговор. Планот за вработување треба да се одобри од Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците“,
велат од ДИЖС.
„360 степени“ веќе објави дека ДИЖС ниту има доволно инспектори ниту комплетна опрема за нормално вршење на работата. Сепак, институцијата бележи пораст во бројот на надзори и изречени мерки откако на местото на Фејзула Спахија од ДУИ застана Ана Петровска од ДОМ. Институцијата моментално има на располагање вкупно 17 инспектори за цела држава, од кои петмина се пред пензија. А, надлежни се да постапуваат по 25 закони и околу 250 подзаконски акти. Повеќе во видеото подолу.
