Двајца полицајци од затворска полиција не ги испочитувале протоколите на затворот „Скопје“ во Шутка при вчерашното ослободување на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Уште вчеравечер, директорот на затворот, Филип Андов повел постапка за утврдување одговорност. Биле преземани низа постапки, а неофицијално, прегледувани се дури и снимките од надзорните камери.
Андов за „А1он“ вели дека е утврдена одговорност, а која доаѓа откако службеник истурка новинарски екипи и ги попречи во работата во моментот кога Мијалков го напушташе затворот. Затворските полицајци не смееле да ја напуштат капијата оти таму завршува нивната надлежност за спровод на Мијалков.
Ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, вчеравечер, околу 19:10 часот, излезе од затворот „Скопје“ од Шуто Оризари. На капијата го чекаа новинарски екипи на А1.он и ТВ Клан, но и возило, членови на семејството и обезбедување. Пред да излезе од капијата, пред портата се паркираше возилото во кое подоцна влезе Мијалков, а неговото обезбедување но и униформираниот службеник направија „жив ѕид“ за новинарите и снимателите.
Излегувањето на Мијалков следува откако денеска Апелацискиот суд во Скопје го укина притворот кој му го определи Кривичниот совет во Основниот кривичен суд минатата среда (22 декември) за предметот „Плацови на Водно“ каде тој е еден од обвинетите.