За акцијата извести директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, со објава на “Инстаграм”, а засега нема официјално соооштение од МВР
Еден тон и 240 килограми марихуана се запленети вечерва во магацин во Бутел, Скопје, во акција на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), а во координација со Обвинителството во Кавадарци.
Во акцијата е приведено и едно лице за кое од полицијата најавуваат дека ќе биде поднесена кривична пријава за недозволен трговија со дрога до ОЈО-Кавадарци. Истрагата за инволвираност на други лица е во тек.
За акцијата информира директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, кој објави и фотографија на “Инстаграм”.
Како што соопштува Тасевски, БЈБ, преку Одделот за криминалистичка полиција, а во рамки на засилените мерки во борбата против недозволената трговија со дрога, во координација и насоки со ОЈО – Кавадарци, во моментов спроведува акција на подрачјето на град Скопје. Притоа, во магацин во населба Бутел се пронајдени и одземени 12 палети во кои, како што се посочува, има еден тон и 240 килограми (1 240 кг.) наркотична дрога марихуана, спакувана во полиетиленски вакумирани пакувања и црни полиетиленски вреќи.
Лишено е од слобода едно лице против кое ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 1 од Кривичниот законик до ОЈО Кавадарци. Истрагата е во тек со цел утврдување и откривање на други лица инволвирани во случајот на недозволена трговија со марихуана.
Засега нема официјално соопштение од МВР.