Министерот за здравство Венко Филипче изрази огромна разочараност што од медицински персонал не се почитуваат препораките за самоизолација и најави затворање на целиот оддел каде што работела лекарката
Директорката на Клиниката за кожни болести е заразена со коронавирус и таа е четвртиот случај регистриран во земјава, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека нејзината состојба е добра, со лесна клиничка слика, но изрази огромно разочарување поради тоа што медицинскиот персонал не ги почитувал препораките за самоизолација.
Филипче кажа дека таа се вратила од Италија и изминатите пет дена одела на работа, иако препораките се 14 дена самоизолација. Тој рече дека таа сега е хоспитализирана на Инфективната клиника каде што ќе биде на лекување, а одделот каде што работела најверојатно ќе биде затворен. Целиот медицински персонал ќе биде испратен во домашна изолација во следните две недели, исто како и пациентите на овој одел, а се идентификуваат сите лица со кои лекарката контактирала во изминатите пет дена, било да се работи за семејство, пријатели, колеги или пациенти. Среќна околност, според Филипче, е што таа изминатите пет дена немала ангажман во амбулантата, каде што има и најголема фреквенција на пациенти.
Тој не одговори директно на новинарското прашање, дали лекарката ќе биде суспендирана, туку само кажа дека доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени мерки без да прецизира какви.
„Како министер и сите што изминатиот период сме деноноќно посветени на ова прашање, во смисла на превенција, ова непочитување на препораките е огромно разочарување за мене. Препораките мора да се сфатат многу сериозно. Не може да се затворат границите и затоа сите препораки на експертите се самоизолација, како што и ние препорачавме пред две недели – секој што доаѓа од ризичен регион, на граница кога има инкубација, а нема симптоми, мора да остане во самоизолација 14 дена. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје“,
рече Филипче.
За двајцата сопружници од Дебар кои се хоспитализирани, Филипче рече дека имаат лесна клиничка слика и дека состојбата им е добра. За првата пациентка кај која беше регистрирана заразата, во текот на денешниот ден или утре ќе биде направен контролен тест по што ќе се знае дали ќе замине дома.
Филипче на прес-конференцијата информираше и за прогласувањето црвена или карантинска зона во 14 региони на Ломбардија и дека тоа важи за сите, и за жителите и за странците, кои не смеат да ги напуштаат овие зони. Утрово е испратено барање да се утврди дали имало тури за Италија за изминатиот празник и, ако имало, кои агенции се и кога се очекува нивно враќање во земјата за да бидат пречекани и проверени на граница.
*Поврзани вести
Македонското МНР препорачува да не се патува во Северна Италија
„Визер“ ги прекина летовите за Милано, Тревизо и Бергамо до 3 април