Доскорешниот пратеник рече дека во тој период бил член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и дека како партија немале донесено никаква одлука во врска со движењето „За заедничка Македонија“ ниту, пак, имале официјален став
Илија Димовски утрово, прв од вкупно седуммина пратеници од минатиот состав на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше во случајот за организацијата на настаните од 27 април, по предлог на обвинетиот експретседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
Тој кажа дека во тој период бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, па одговарајќи на прашањата на адвокатите рече дека како партија немале донесено никаква одлука за движењето „За заедничка Македонија“ ниту, пак, имале официјален став.
„Официјален став како одлука на ИК не памтам да сме донеле, иако сме разговарале и за тоа прашања и за сѐ што било актуелно. Сме разговарале и за кучиња скитници ако тоа било актуелно. Но, конкретен став и одлука околу движењето не беше донесен“,
рече Димовски кој во понатамошното сведочење рече дека немало ниту некаква одлука или насока за примена на насилство.
За критичниот ден, рече тој, сѐ изгледало дека ќе биде како и претходните денови, односно дека тоа продолжение на конститутивната седница на Собранието ќе заврши во 18 часот и ќе продолжи наредниот ден на 28 април.
„Дента сѐ наликуваше дека тој ден ќе биде ист како и претходните денови, посебно по еден допис на повеќе колеги од СДСМ кои побараа дента седницата да биде завршена и продолжението да биде на 28 април. Бевме тогаш на координација во една од помалите сали, ми беше предочен дописот, беше потврден од претставникот на СДСМ и координацијата заврши со заеднички заклучок дека седницата ќе заврши во 18 часот и ќе продолжиме следниот ден“,
рече Димовски.
Понатаму во своето сведочење, експратеникот тврдеше дека седницата завршила во 18 часот, а откако претходно тој и Оливер Спасовски имале процедурални обраќања во кои излегле со спротивставени толкувања на членот 78 став 2 од Деловникот на Собранието.
„Го имаше и оној момент на пеење на химните. Прво Мукоски ја испеа химната на Македонија, потоа имаше некои дискусии, па се пријави колега Зекирија од Беса. Тој ја испеа химната на Албанија и со тоа заврши седницата во 18 часот“,
рече тој.
Што се случи по заклучувањето на таа седница, праша адвокатот Еленко Миланов.
Мојот впечаток, почна да одговара Димоваки, беше дека нема ништо да се случува.
„Додека ги собиравме работите од клупите, пратеници од СДСМ се обраќаа кон други пратеници од СДСМ и им велеа да останат во салата. Во тој момент и ние останавме да видиме што ќе се случува, иако околу 17 часот претходно имаше барање на СДСМ седницата да продолжи утредента“,
сведочеше експратеникот за моментите кои претходеа пред тогашното парламентарно мнозинство да пристапи кон избор на Талат Џафери и пред упадот на толпата во законодавниот дом.
Тој одговараше и на прашањата на ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски кои исто така се обвинети во предметот и го прашаа дали биле во контакт со него и дали му давале некакви насоки, на што Димовски одговори со не.
Обвинителката Вилма Русковска, пак, се чини дека преку дел од прашањата сакаше да го дискредитира неговото сведочење.
„Рековте дека по заклучувањето на седницата останавте сите пратеници во салата. Дали е точно тоа или тоа што сите го видовме на снимките дека после пеењето на албанската химна, пратениците од Беса ја напуштија салата“,
праша Русковска.
Димовски, пак, ѝ одговори дека тоа што биле негови сознанија и дека од местото каде што седел немал целосен преглед на салата.
„Дали тогаш може да заклучиме дека сте згрешиле или не сте виделе нешто и во претходните ваши одговори“,
рече Русковска која по приговорите на адвокатите го повлече прашањето.
По Димовски, кој сведочеше два часа, ќе сведочат уште шест други пратеници од поранешниот собраниски состав. На претходното рочиште, пак, сведочеа уште деветмина други.