Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е претседател на Комисијата за соработка на македонското Собрание со Собранието на Бугарија, им препорачува на политичарите во Софија да ја следат политичката мисла на Фердинанд Саксобурготски дека „во Македонија, главната маса од населението ниту се Бугари, ниту Срби, туку Словени и христијани…“
За уцени од браќа сум слушал од кажувања, но тие уцени секогаш завршувале лошо, по судови, со кавги, со скршени фамилии. На крај никогаш не било важно кој е прав, а кој крив, штетата ја носеле сите браќа. Ако се броиме за браќа, а добро е да се имаме за такви, тогаш уцените не се за на маса, ни за во глава ни за зад врата. Заборавете ги и поставете се како браќа, а пак ако не сте спремни на таква големина тогаш не се претставувајте за браќа, коментира на Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Тој полемизира со ставовите на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и на претседателот на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, министер за одбрана на Бугарија, во однос на последните превирања меѓу двете земји за македонскиот јазик и за Гоце Делчев.
„Денес во Софија и цела Бугарија живеат повеќе луѓе од Македонија од тоа што живеат тука кај нас, во овој мал дел на Македонија. Тоа навистина нѐ прави блиски. Трагедиите низ историјата го однеле Македонецот насекаде низ светот, но најмногу низ Бугарија. Ние тоа го знаеме и го почитуваме, иако најголем дел од тие преселби и не биле на драга желба на преселниците, но биле придружени со масовни акции за демакедонизација, во што морате да признаете Бугарија била поуспешна од Србија и од Грција“,
пишува Димовски на Фејсбук.
Димовски, кој е претседател на групата за соработка на Собранието на Македонија со Собранието на Бугарија, сугерира да се следи мислата на бугарскиот цар Фердинанд Саксобурготски од 1896 година, кој ќе каже: „Во Македонија, главната маса од населението ниту се Бугари, ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик подеднакво далечен или ако сакате подеднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но, јазик, кој е посебен дијалект, ако не и посебен јазик. Наместо да се караме околу тоа, дали тој е дијалект на српскиот или бугарскиот јазик, ние треба заеднички да работиме и тоа овде кај нашиот заеднички „татко“, кај Султанот, за да им даде на своите верни поданици во Македонија такви реформи кои ќе им осигураат човечки живот и културен развиток… Ако тоа се реши, културата на Македонците ќе го реши прашањето кое што никоја сила не може да го реши, па дури ако Србите и Бугарите поради тоа ја фрлаат на коцка својата државна егзистенција“.
„Да ја следеше Бугарија оваа политичка мисла на тогаш младиот кнез Фердинанд, немаше да изгуби илјадници и илјадници жртви низ годините подоцна. За жал, сите ние на Балканот малку учиме од историјата, така и вие не сте исклучок, нам блиски пријатели Бугари“,
забележува Димовски.
