Таа потенцираше дека ДКСК носи одлуки само врз основа на проверени, утврдени и институционални факти и информации за секој поединечен случај по кој што постапува, вклучително и одлуката во однос на именувањето на директорот на Агенцијата за наицонална безбедност
Цвета Ристовска нема склучено договор за финансиски надоместок со Универзитетот за туризам и менаџмент и не е член на наставниот кадар, а предметите се распределуваат електронски. Вака претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска одговори на пратеничко прашање за соработката на Ристовска со Универзитетот за туризам и менаџмент и дали постои можен судир на интерес бидејќи таа го водеше предметот за директорот на Агенцијата на национална безбедност.
„Членот на Комисијата нема склучено договор за финансиски надоместок и не е член на наставниот кадар на Факултетот. Таа последен пат била ангажирана како експерт-предавач пред околу четири години. Во однос на начинот на распределба на предметите, истиот е уреден во Деловникот за работа на Комисијата. Предметите се распределуваат електронски и нема можност за човечки фактор, односно субјективизам. Ги почитуваме строго овие правила кои се утврдени во Деловникот и Законот“,
рече Димитровска.
Таа потенцираше дека ДКСК носи одлуки само врз основа на проверени, утврдени и институционални факти и информации за секој поединечен случај по кој што постапува, вклучително и одлуката во однос на именувањето на директорот на Агенцијата за наицонална безбедност.
„Во однос на надлежностите утврдени со Закон, ДКСК нема надлежност да утврдува и постапува доколку во одредени случаи постојат индиции за доставени неверодостојни документи. Одлуката во однос на именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност беше донесена врз основа на овие принципи и во рамките на надлежностите на Државната комисија. За сите други индиции, постојат надлежни органи кои постапуваат во рамките на своите законски надлежности“,
додаде Димитровска.
Во однос на проверка на веродостојноста на документите кои го потврдуваат завршеното високо образование, Димитровска рече дека Државната комисија не е надлежна и нема правни механизми да го стори тоа.
„Надлежен за проверување на веродостојноста на овие документи е Државниот просветен инспекторат до кој Државната комисија достави барање, беше изготвен записник од надлежниот орган и согласно заклучоците од тој записник, беше донесена и одлуката. Во однос на судирот на интереси ДКСК има ексклузивна надлежност да проверува случаи за постоење на судир на интереси“,
рече претседателката на ДКСК.
Таа уште еднаш појасни дека не постои судир на интереси во однос на членот кој што учествувал во одлучувањето и кај кој бил електронски распределен предметот.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) завчера се прогласи за ненадлежна да одлучува, односно да врши директна експертиза на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ за познавање на англискиот јазик, како и за дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а кои предизвикаа најголемо внимание во јавноста, особено сертификатот издаден во Пловдив, Бугарија.
Предметот на вчерашната седница го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска.
Според вчерашниот прилог на ТВ Телма, таа врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски.
На Ристовска како членка на ДКСК, според Телма, ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“, која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба.
Но, иако е дел од наставниот кадар на истиот Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. На седницата на ДКСК, таа уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде што таа е дел од наставниот кадар.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни установи, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле документ со невистинита содржина, односно ТОЕФЛ-сертификати токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го немаше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г., од кога датира оној на Бојан Христовски.
(ВИДЕО) По трагите на „Јулија“ во Пловдив – фирма има, но само на хартија