Според Тонја Димитрова, новинарка на Бугарското национално радио, првиот рок што се спомнува за формирање влада е 25 декември
Утре претставници на четирите потенцијални партнери ќе дискутираат за надворешната политика, вклучувајќи ја и Северна Македонија

Првиот рок за формирање влада во Бугарија што го споменуваат некои од потенцијалните коалициски партнери е Божиќ (25 декември), вели Тонја Димитрова, новинарка на Бугарското национално радио, во контекст на дилемите дали е можна деблокада на евроинтеграциите на Северна Македонија на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември.
Според Димитрова, дури и до 14 декември Бугарија да добие нова влада, Северна Македонија нема да биде првата работа со која ќе се занимаваат новите власти.
„Најпрво во Собранието треба да биде изгласан буџетот за наредната година. Важно е да се напомене дека постои политичка волја, се бара начин за да се најдат допирни точки меѓу црвените линии и на Скопје и на Софија, но во бугарското општество има консензус во однос на Северна Македонија. Бугарите ја поддржуваат актуелната позиција – се додека не се расчистат спорните прашања не треба да го кренеме ветото за Република Северна Македонија. За да се смени тој општествен консензус Бугарите треба да видат некакви активности како од властите во Скопје, така и од страна на Северна Македонија. Треба да се согласиме дека тоа е процес, не станува збор за една или две недели“,
вели во настап за емисијата „360 степени“ Димитрова.
Утре е последниот петте јавни панел од преговорите за формирање влада што ќе се фокусира на финансиите и на меѓународната политика, нешто што ја засега и Република Северна Македонија.
,,Се очекува тоа да е главната вест од таа онлајн-дискусија меѓу четирите партии. Сите погледи се насочени натаму. Ќе видиме какви се основните позиции на четирите партии, по изборите. Знаеме какви се тие позиции од изјавите до овој момент. Знаеме каква е позицијата и на коалицијата „Продолжува промената“, која има идеја за создавање на работни групи меѓу Софија и Скопје, налик на заедничката комисија за историја, кои би се фокусирале на соработка во други сфери, како инфраструктура, култура, образование, наука. Ја знаеме и позицијата на „Демократска Бугарија“, која исто има желба фокусот да се помести, да не биде тема само заедничката историја, туку и соработката во други сфери. Најтврди во позициите остануваат партиите „Има таков народ“ и најмногу БСП. Знаете, таму имаат тврда позиција дека не треба да се прави каква било отстапка од националните интереси на Бугарија, нешто што го поддржуваат и другите три партии во преговорите. Ниту една од нив не сака отстапка од националните интереси, а многу скоро ќе видиме и дали ќе се прошири рамката на дијалогот”,
вели Димитрова.