Законот за заштита од дискриминација ќе биде повторно изгласан веднаш по формирањето на новиот парламент, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на прашање како ги коментира критиките што се дозволи законот „да падне“ на Уставен суд поради тоа што не бил донесен со доволен број гласови.
Димитров, на денешната презентација на извештајот на Европската агенција за фундаментални права во кој првпат е опфатена и земјава, порача дека изразил жалење кај холандскиот амбасадор бидејќи Холандија инсистираше на овој закон како услов за почеток на преговори со ЕУ и го уверил дека законот повторно ќе биде донесен.
„Холандија уште пред донесувањето на законот за антидискриминација се интересираше за ова прашање, земја каде еднаквоста е многу важна и на еден од брифинзите пред неколку недели разговаравме со холандскиот амбасадор и пак го упати прашањето. Ние изразивме жалење што еден толку важен закон сега не е во сила. Не можеме баш експлицитно да ги толкуваме одлуките на Уставниот суд, како МНР и како Влада. Укажавме дека има правна заштита преку директна примена на Европската конвенција за човекови права и на Истанбулската конвенција. Но, покажавме политичка заложба дека веднаш по конституирање на Собранието овој закон ќе биде повторно донесен“,
рече Димитров.
Законот со кој, меѓудругото, требаше да добијат поголема заштита луѓето од ЛГБТИ-заедницата, според народниот правобранител треба да претрпи измени пред негово повторно донесување.
Главните забелешки се околу институцијата односно телото што треба да ги штити луѓето од дискриминација, кое според омбудсманот, може да биде партизирано.
„ Ние како институција по однос на тој закон се уште имаме забелешки и мислиме дека телото за заштита е многу слабо. Од аспект како се формира тоа тело и како може да штити од дискриминација. Според нас тоа тело мора да биде на потранспарентен начин избрано и од лица и експерти кои не се инволвирани во политички структури“,
порача Иџет Мемети.
Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија остро реагираше на одлуката на Уставниот суд, а одговорноста ја адресираше во Собранието и претседателот на државата, кои велат требало да реагираат дека законот е донесен спротивно на Уставот.