Во услови кога Комисијата за заразни болести предвидува втор бран на епидемијата наесен, мора да се искористи овој период и веднаш штом се создадат услови да се оди на избори, порачаа носителите на листата за пратеници од СДСМ, Никола Димитров и Мила Царовска по денешната координативна средба со кандидатите за пратеници во првата изборна единица.
„Главниот државен интерес во овој период е да бидат институциите целосно функционални, да нема дилеми околу целосно спроведување, почитување на мерките, да има Собрание и да има политички мандат за други прашања, вклучувајќи ги пристапните преговори. Тоа е важно и за политичкиот кредибилитет на Владата, да креира политики, а нас не чекаат и преговори со ЕУ. Преговарачката рамка ќе биде главна водилка за сите реформи“,
изјави Димитров.
На новинарско прашање, Димитров рече дека засега нема договор за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, но вели се вложуваат напори за да се дојде до консензус околу датумот за избори.
„Нема во моментов договор за нова лидерска средба, мислам дека може да се каже дека има комуникација и се вложуваат напори да се постигне консензус. Меѓу нашите свети начела е да имаме демократија и многу е важно сите политички чинители да излезат на тој изборен мегдан. Треба да мислиме на државните интереси во овој период. Да потсетам дека предвремените избори практично се иницираа на барање на опозицијата, тогаш контекст беше недонесувањето на зелено светло во контекст на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори“,
порача Димитров.
Тој додаде дека и набљудувачите на ОБСЕ се подготвени да ги следат изборите согласно новите стандарди и протоколи поради ковид-19.
Дека неопходни се избори час поскоро порача и Царовска. На прашањето, кога ќе бидат изгласани новите уредби за финансиска помош на граѓаните, вицепремиерката за економски прашања најави дека повеќе детали ќе има од наредната недела.