Тој додаде дека македонските граѓани се разочарани и загрижени и предупреди дека поддршката за евроинтеграциите постепено опаѓа
За Европа или ЕУ е многу поскапо да го игнорира Балканот отколку сериозно да се ангажира и да ни помогне да го направиме европски – европски во смисла на здрава демократија, правда, слободни медиуми, човекови права, европски стандарди. Европа да ја донесеме кај нас. Затоа што ако не го направиме тоа, младите ќе ја бараат својата иднина некаде надвор од државата, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за ТВ Н1.
Тој истакнува дека Балканот, иако тоа понекогаш го сакаме и мислиме, не е центар на вселената и наведува дека Европа има други, внатрешни проблеми, проблеми со одлучувањето и функционирањето.
„И можеби легитимното прашање е дали со влезот на шесте држави од т.н. Западен Балкан ќе донесеме некоја вредност и решенија или ќе донесеме повеќе проблеми. Значи ние како регион имаме интерес да покажеме дека носиме решенија, дека сме доволно свесни да преземеме сами одговорност и да ги решаваме нашите проблеми. Колку повеќе соработуваме, толку стануваме повредени во очите на земјите членки. Истото е и во економска смисла“,
кажа тој.
Според него, заедничкиот регионален пазар на некој начин е подготовка за влез на заедничкиот европски пазар.
„Важно е оваа иницијатива (Отворен Балкан) да биде отворена за сите бидејќи е малку тешко да се зборува за регионална соработка доколку не е вклучен целиот регион. Факт е дека од неа имаме очигледни придобивки. На пример, договор за заемна помош при природни катастрофи. Мислам дека оваа иницијатива ни помага во начинот на кој нè гледаат. Граѓаните на земјите членки на ЕУ генерално не прават јасна разлика меѓу Србија и Северна Македонија“,
оцени Димитров додавајќи дека сликата и перцепцијата за регионот е приближно иста.
Разочараност и загриженост
Тој додаде дека македонските граѓани се разочарани и загрижени, предупредувајќи дека поддршката за евроинтеграциите постепено опаѓа.
„Сè уште е голема, но постепено паѓа. И верувањето дека е тоа е можно,опаѓа. Ова истовремено ги ослабува проевропските и прореформските политички сили. И ние и ЕУ имаме одговорност да го направиме проевропското гласачко ливче за победничко. Направивме голем напредок, решивме многу тежок проблем со Грција. Но, на гласачите им ветивме и членство во НАТО, што се оствари, и ветивме почеток на пристапните преговори и многу е важно да се исполнат тие ветувања. Не го ветивме ние тоа само така, тоа не ни падна од небо, туку се фокусиравме на ветувањата што ни ги дадоа Брисел и другите европски градови. Ако не го исполнат ветувањето што ни го дадоа, ние не можеме да го исполниме ветувањето што им го дадовме на Македонците и на сите други народи кои живеат во Северна Македонија“,
истакна Димитров
Тој оцени дека тоа го искривува наративот и ни прави огромен проблем, бидејќи ако ЕУ е куќа која има куќен ред, електрични инсталации, вода, ние сме една соба во таа куќа која е надвор од куќниот ред и оти тоа не е само наш проблем, туку и на другите соби во таа куќа, оцени тој.
Зборувајќи за односот со Бугарија, Димитров кажа дека во интервју за Би-би-си, на прашањето за пријателството со таа земја, одговорил да тие со нивната политика кон Северна Македонија тоа доста го отежнуваат.
„Негирањето на јазикот на соседот не може да биде пријателски чин. Или да не го прифатите неговото право на самоопределување. Јас, Никола, сум Македонец, Балканец, Европеец и на некој начин граѓанин на светот. Јас не дозволувам во мојот идентитет да се меша ни мојата земја, а не некоја трета земја. Јасно ми е дека земјите членки имаат свои интереси и сакаат да ги исполнат користејќи ја својата тежина како земја членка на Унијата, каде што ние сакаме да влеземе“,
кажа Димитров.
Тој посочи дека, сепак, мора да се има одредена пристојност во барањата. Што ќе се случи ако утре некоја земја членка побара од нас, на пример, да ѝ дадеме половина од нашата територија, праша Димитров.
„Мора да има однос меѓу барањата и вредностите на ЕУ. Во Лисабонскиот договор, еден од уставните столбови на ЕУ, се наведува дека европскиот континент е континент кој ја слави културната и јазичната различност. Е сега, македонскиот јазик не може да биде проблем ако одиме како организација која ја слави различноста. Не може да се поставуваат антиевропски услови на патот кон ЕУ, ако таа е сè уште европска. Ние сме во класична ситуација кога историските прашања, кои не се актуелни во 2021 година, кои можеби беа актуелни на почетокот на 19 век, ја држат во заложништво иднината. Ние не можеме да го промениме минатото ниту, пак, географијата. Единственото нешто што можеме да го промениме е денес и утре. Се надевам дека ќе најдеме начин, влогот е огромен. Бугарија со тоа што го однесе во Брисел билатералното прашање го претвори во европско. Не сме само ние блокирани, блокирана е политиката на ЕУ кон Балканот, кон регионот“,
заклучи вицепремиерот Никола Димитров во интервју за ТВ Н1.