Ќе биде тешко да се каже „не“ на македонската европска приказна, вели шефот на дипломатијата, посочувајќи дека очекува првата меѓувладина конференција да се одржи за време на германското претседателство со ЕУ
Чекавме толку долго да ги почнеме преговорите, што минатата година се чувствував како Бил Мареј во филмот „Денот на мрмотот“. Тој мора да стори сé совршено за да се разбуди следниот ден и на некој начин е заглавен во времето. Затоа овој успех и зелено светло за почеток на преговорите што ги добивме на 26 март од Европскиот совет е огромна работа за нас, затоа што сето тоа ни се се чинеше предалеку, вели шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за Н1 во Хрватска.
„Ние сме ѝ многу благодарни на Хрватска што конечно успеавме да ја отвориме таа врата и да го направиме тој чекор. Второ, имаме чувство дека ако гледаме позитивно, колку се поголеми проблемите и пречките, толку е поголем успехот. Факт е дека би било подобро Југоисточна Европа и нашиот регион да го користат зборот ‘проширување’ во Декларацијата во Загреб. Дури и зборот ‘комплетирање’ би бил посоодветен, затоа што зборуваме за проширување, но мапата на Европа воопшто нема да биде поголема, дури и кога сите земји на Западен Балкан ќе успеат да станат полноправни -членки на Унијата. Затоа претпочитам да кажам „комплетирање“. Сега, Декларацијата почнува со изразот „европска перспектива“, што е важно, како и важен факт дека среде пандемијата, европските лидери поминаа неколку часови зборувајќи за нашиот регион“,
вели Димитров во интервјуто пред почетокот на Загребскиот самит на ЕУ и Западен Балкан.
На прашање дали во јуни Северна Македонија ќе добие датум за старт на преговорите, Димитров вели дека ќе биде тешко да ѝ се каже „не“ на македонската европска приказна.
„Преку нашата политика, се обидуваме да изградиме атмосфера поради која ќе биде тешко да не ѝ се каже ‘да’ на нашата приказна, македонската европска приказна. Очекуваме Комисијата да подготви рамка за преговори, претпоставувам на почетокот на јуни, следниот месец. Мислам дека она што го правиме дома се рефлектира во два важни извештаи што излегоа, еден од фондацијата Бертелсман и денес од Фридом Хаус. И во двата извештаи, Северна Македонија е една од ретките земји што постигнаа голем напредок. Во однос на трендот… Останува уште многу работа, но трендот е обоен во зелено, т.е. многу позитивно. Ако продолжиме дома со толку силна приказна за реформите и мудра политика кон нашите соседи и земјите членки, мислам дека ќе создадеме шанса за успех, ќе ги почнеме преговорите за пристап и ќе ја имаме нашата прва меѓувладина конференција за време на германското претседателство со ЕУ“,
вели Димитров.