Вицепремиерот за европски прашања ги коментира најновите случувања на релација Скопје-Софија и последната изјава на Каракачанов
Деновиве правиме сѐ за ние и нашите соседи, нашето пријателство и заедничката европска иднина да излеземе од овие предизвици како победници, силни идни партнери и добри комшии, изјави за МИА вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, коментирајќи ги случувањата на релација Скопје-Софија и најновата изјава на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.
„Господинот Каракачанов има обврска и право да ги застапува бугарските позиции, како што ние имаме обврска и право да ги застапуваме македонските позиции. Ама и ние и тие имаме и обврска да се грижиме за пријателството. Сакам уште еднаш да потенцирам дека има некои работи за кои можеме да разговараме и некои работи за кои нема дискусија“,
вели Димитров.
Тој е дециден дека ниту со Бугарија ниту со која било друга земја или организација не може да се преговара за идентитетот и за јазикот.
„Со други зборови, нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а заемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ и Унијата треба и може да се проширува само преку афирмација на тие вредности, никако преку нивно загрозување. Впрочем, како што вели и новата методологија, ‘сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес’“,
изјави Димитров за МИА.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, коментирајќи ги вчерашните разговори на македонската и бугарската делегација во Софија, изјави дека Бугарија на никаков начин не отстапила од своите позиции, дека ги кажале своите барања, а македонската страна, вели, треба да се изјасни до петок.
