Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во контекст на денешниот состанок во Луксембург и неуспехот да се убеди Бугарија да ја тргне блокадата за земјава коментира дека земјава не смее да се откаже и дека се прават напори во рамките на европско достоинствено решение да се надмине проблемот.
„Не креваме раце, правиме се што можеме во рамки на едно европско достоинствено решение, нашите позиции се кристално јасни, но проблемот е поголем од нашата мака. Лекциите и пораките ги слуша целиот Балкан и се повеќе слушаме земји членки коишто велат вие испорачавте, мора да најдеме начин и ние како ЕУ да испорачаме“,
рече Димитров во гостување на Тв Сител.
„Да се каже дека нема надеж би било фаталистички, и не е здраво, меѓутоа мора да се грижиме за народот, да си го заштитиме, да сработиме се што можеме да работиме. Влогот е огромен и ова влегува во еден покрупен проблем бидејќи сега крупното прашање е дали ние на Балканот можеме да веруваме на зборовите на ЕУ. И мислам дека земјите-членки на ЕУ се свесни, водејќи сметка меѓу другото, и за нивните јавни изјави“,
рече Димитров.
Запрашан за тоа што понудиле на средбата минатата недела во Софија заедно со премиерот Заев и шефот на дипломатијата и за соопштението од бугарското МНР дека чекаат македонската страна на дело да ги демонстрира преземените обврски од средбата, Димитров кажа дека не може да зборува за детали бидејќи прашањето не е решено, но начелно кажа дека се разговарало околу интензивирање на секторската соработка и околу процесот на работа на Комисијата за историски и образовни прашања, а од македонскиот јазик и идентитет, вели, никогаш нема да се откажеме.
„Ние имаме еден пат, ќе одиме во ЕУ и ќе влеземе во ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Многу е невозможно и нелогично и контрадикторно македонскиот јазик да биде проблем за членство во Унија во која што се негува културната и јазична различност на европскиот континент. И во таа смисла проблемот станува многу голем. Дали може една земја-членка да бара услови кои се спротивни со европските вредности. Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување тогаш таква ЕУ нема да ни треба. Ако не можеме да ги отвориме вратите заради македонскиот јазик, во ред, нема да ги отвориме. Но, тоа поставува суштинско прашање каква унија е ЕУ“,
вели Димитров.