Димитров потенцира дека и по заминувањето од премиерската функција на Заев, кој оставил силен печат врз целата иницијатива за решавање на спорот со Бугарија, правецот на земјата ќе остане ист

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека е јасна пораката на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, дека приоритет на САД за Балканот е интеграција на Албанија и Северна Македонија во ЕУ.
Димитров за „Утрински брифинг“ посочува дека Американците се важен фактор и во регионот, но и се главен партнер на Европа во контекст на НАТО и се разбира дека Вашингтон има влијание.
„Регионот е прилично разнишан. Ескобар вели дека кај нас се прекршува инструментот на проширувањето – дали е тој реален или не е реален“,
кажа Димитров.
Тој воедно додава оти Ескобар при разговорите истакнал дека Северна Македонија е кредибилен партнер и дека САД можат да помогнат.
Во врска со состојбата со Бугарија, Димитров вели дека се чека формирање на бугарска влада за дијалогот да продолжи. Во однос на тоа дека Министерството за надворешни работи на Бугарија ќе го добие популистот Слави Трифонов кој има ригидни ставови кон земјава, вицепремиерот смета дека не треба да се зборува пред време.
„Неблагодарно е да се зборува пред рака, треба да се разговара со новиот министер. Она што е добра вест доаѓа од Скопје, ние имаме усогласеност со опозицијата дека преговорите со ЕУ треба да започнат“,
вели Димитров.
Димитров потенцира дека и по заминувањето од премиерската функција на Заев, кој оставил силен печат врз целата иницијатива за решавање на спорот со Бугарија, правецот на земјата ќе остане ист.
„Курсот ќе остане. Секој политичар си носи свои политики, со Заев ја искачивме големата планина со Преспанскиот договор. Како земја сме пред раскрсница, ќе направиме сѐ што можеме да дојдеме до достоинствен излез од оваа мака што има потенцијал да ја смени атмосферата во целиот регион, но за жал, не исклучувам и негативно решение“,
вели Димитров.
За изјавите што доаѓаат од албанска страна за можноста за одвојување на двете земји за почеток на преговорите со ЕУ, Димитров смета дека тоа не е можно во моментов, оти, како што вели, ние ја чекавме Албанија кога таа беше заглавена во холандскиот парламент, а странските партнери не се расположени да поддржат раздвојување.