Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретнал со новата вонредна и ополномоштена амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Гизеле Холштајн, која ги предала копиите на акредитивните писма. Министерот, пак, порачал дека со нетрпение ја очекува првата Меѓувладина конференција за преговорите на земјава со ЕУ.
„Покрај интензивната билатерална соработка во изминативе три години која посветено се стремиме да ја продлабочуваме и во иднина, со нетрпение го очекуваме и заедничкиот успех – првата Меѓувладина конференција да биде организирана токму за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Благодарни сме за досегашниот германски придонес во градењето консензус и донесување на позитивна одлука за започнување на преговори за членство во Европската Унија, во март ова година“,
рекол Димитров.
Амбасадорката Холштајн, велат од МНР, ја повторила поддршката на Германија за реализација на нашите стратешки приоритети.
„Амбасадорката подвлече дека иако германското претседавање со Советот на ЕУ е исправено пред најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ поврзан со заздравување на земјите погодени од коронавирусот, ќе се заложи максимално да ја засили европската перспектива на нашиот Регион, а со тоа и да обезбеди стабилност и развој на Западниот Балкан“,
соопштија од МНР.
Претходен амбасадор на Германија во земјава беше Томас Герберих.