Зајакнување на имплементацијата на Договорот за добрососедство, но и зајакната промоција на тоа што е направено; продолжување на разговорите меѓу историчарите во заедничката комисија; реформите на домашен план; соработка со сојузниците во ЕУ за да изнајдат сила да ги заштитат сега нарушените европски принципи и да ја убедат Бугарија да го ослободи пристапниот процес од политичкото заробеништво, се неколкуте сегменти што ги наведува вицепремиерот за тоа што треба да се направи во наредните месеци
Кога ЕУ не ги исполнува своите ветувања во случаите каде што има напредок и тоа е целосно заслужено, за што македонското искуство е совршен пример, тогаш довербата во европската посветеност на регионот на Западен Балкан драматично се намалува, порачува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за српскиот неделник НИН.
Во таков случај, вели Димитров, мораме да ја ставиме „европската перспектива“ во перспектива.

Ваквиот одговор вицепремиерот го дава на прашањето дали во ЕУ постои искрена желба Западен Балкан да стане дел од европското семејство, во контекст на последната блокада од Бугарија, но и претходно на француската кога се бараше промена на методологијата.
„Наша задача е преку одлучни реформи дома, граѓаните да ги убедиме дека европеизацијата на Западен Балкан е во нивен интерес. Географската положба на Западен Балкан нѐ прави неодвоив дел од европската безбедносна и економска сложувалка. ’Проширување‘ не е вистинскиот збор за процесот на зачленување на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ние сме опкружени со земји на ЕУ, главно трговијата ни е со европскиот пазар, а тогаш кога сите земји од Западен Балкан ќе станат членки, надворешните граници на ЕУ нема да се променат туку ќе останат исти. Затоа сметам дека треба да зборуваме за ’комплетирање‘ наместо за ’проширување‘ на ЕУ“,
вели вицепремиерот.
Димитров во интервјуто оценува дека главен проблем во однос на бугарското вето е тоа што Бугарија под прекривката на добрососедските односи и европската интеграција, отвора прашања кои во суштина се антиевропски.
„Хари Труман велеше ако сакате да имате добри соседи, тогаш морате и самите да бидете добар сосед. Ако вам соседот ви го оспорува јазикот, нешто што е исклучително ваша суверена работа и не може да биде предмет ниту на признавање ниту на негирање од друга држава, тоа никако не води кон зрел однос помеѓу две европски држави, заснован на заемно почитување. Како нашиот македонски јазик може да претставува проблем за интеграција во ЕУ, во еден сојуз кој ги слави и негува културната и јазичната разноликост на европските народи како своја фундаментална вредност? Затоа, доведувањето во прашање на идентитетот на македонскиот народ истовремено го загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто ЕУ ќе постоеше ако предуслов за нејзиното основање беше сите земји членки да имаат целосно исти погледи на сите историски прашања? За голем дел членки на ЕУ ваквите спорови се целосно нерационални и неразбирливи“,
смета Димитров.
Тој нагласува дека и покрај сите пречки и предизвици кои се редеа еден по друг како Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, француската блокада и промената на методологијата за преговори, ова се битки на нашата генерација и тука нема место за дефетизам.
„Ако успееме во овој период да направиме суштински чекор кон европеизацијата на нашето општество, тоа ќе биде најдоброто што сме можеле да го направиме за сите наши земји и најдобро наследство за нашите деца. Впрочем, ништо што е вистински вредно и големо не се постигнува лесно“,
вели вицепремиерот.
На прашањето што треба да се направи до март 2021 за Бугарија да се откаже од блокадата, Димитров порачува дека треба упорно да се работи на сите отворени прашања и оти не смееме да дозволиме овој пораз на Европа да биде и наш пораз. Напротив, смета тој, мора да покажеме дека сме зрели земји кои можат да ги решат отворените прашања на европски начин, со разбирање, но и со почитување, па наведува неколку сегменти на кои треба да се стави акцент во претстојниот период.

„Мораме да ја зајакнеме имплементацијата на Договорот за добрососедство, но и промоцијата на таа имплементација бидејќи имам впечаток дека тоа не го покажавме доволно, иако многу направивме. Потоа, мора да продолжат разговорите во историската комисија, меѓу историчарите, а не меѓу политичарите. Тука се и реформите. Процесот на интеграција во ЕУ не е само формалност кон членство во Унијата туку и трансформација на домашен план. Одложувањето на едниот процес за нас, не смее да значи и прекинување на другиот. На крај, мораме да работиме со нашите сојузници во ЕУ со цел земјите членки што побргу да изнајдат сила да ги заштитат принципите кои овој пат беа прекршени и да ја убедат Бугарија да ги тргне билатералните прашања надвор од преговорите и да го ослободи пристапниот процес од политичкото заробеништво во кое се наоѓа сега. Европа мора да демонстрира со сопствениот пример“
вели вицепремиерот.
За српскиот неделник тој го коментира и интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС во кое рече дека Југославија била пречка за добрите односи меѓу Македонија и Бугарија и даде мислење дека бугарските трупи биле „администратори“ одбегнувајќи да ги нарече „окупатори“.
Според Димитров, тоа интервју било знак на добра волја кон Бугарија, гест на емпатија и разбирање.
„Заев секогаш бил политичар кој гледан напред, ’политичар мразокршач‘, кој не мисли на сопствениот рејтинг кога е во прашање решавањето на овие прашања. Јас така го доживувам тоа интервју“,
вели Димитров.
И пред српската јавност вицепремиерот одговара на коментарите на новинарот на БГНЕС, кој го правеше интервјуто со Заев, а за Димитров рече дека тој за Бугарија е „поопасен и од коронавирусот“.
„Тоа не ме допира многу, затоа што моја работа и животен повик е да ги бранам интересите на мојата земја најдобро што знам. Доколку во тоа сум успешен, сметам дека е нормално од другата страна да има фрустрации. Убеден сум дека заштитата на идентитетот и достоинството на македонскиот народ, евроинтеграцијата на Северна Македонија и пријателството со Бугарија, како и со сите други соседи, се во потполност компатибилни процеси. За тој ’вирус‘ нема и никогаш нема да има вакцина“,
вели вицепремиерот.
Зборувајќи на темата со Југославија, тој го дава и својот став што за него претставувала поранешната држава.
„Јас сум роден во 1972 година. Веројатно поради перспективата на младите, нашата генерација по правило ги памети главно добрите страни на тој период. Тоа придонесува да се чувствувам како дома каде и да сум во регионот. Сепак, мислам дека исто така не е мудро да ја идеализираме Југославија, како што не е мудро нашата поранешна заедничка држава да ја гледаме исклучиво низ негативна призма како еден недемократски и еднопартиски систем што се распадна на најлош можен начин. Она што е сигурно, е дека Југославија секогаш ќе биде дел од нашето колективно сеќавање, идентитет и култура кои на некој начин ќе нè не поврзуваат на нашиот пат кон европската иднина“,
вели Димитров.
“EU i NATO su bitke naše generacije”
— Srdjan Cvijic (@srdjancvijic) December 17, 2020
U @NedeljnikNIN o brdovitom putu ka članstvu u EU, bugarskom vetu, Jugoslaviji, odnosima sa Srbijom i drugim pitanjima, razgovarao sam sa @Dimitrov_Nikola @secretariat4eu ⬇️
?? na iskrenim odgovorima pic.twitter.com/oOQ7NXwduH