Сепак, со оглед на тоа дека вицепремиерот Димитров во наредниот период ќе продолжи со интензивни активности и меѓународни контакти, од СЕП наведуваат дека тој ќе изврши редовно превентивно тестирање
По извршената епидемиолошка анкета, Комисијата за заразни болести заклучила дека нема ризичен контакт и нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација која присуствуваше на состанокот во Берлин со бугарската делегација од која еден член е позитивен на ковид-19, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и од Министерството за надворешни работи.
Тоа значи дека вицепремиерот Димитров и министерот Османи нема да одат во изолација.
„Веднаш по добивањето на информацијата дека постои можност дел од бугарската делегација, која беше присутна на состанокот во Берлин, да е позитивна на ковид-19, СЕП се обрати до Комисијата за заразни болести, каде се изврши епидемиолошка процена на ризик. Имајќи предвид дека сите мерки биле почитувани од страна на македонската делегација, односно сите претставници носеле маски и одржувале значителна дистанца, заклучокот од комисијата е дека нема ризичен контакт и дека нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација“,
соопштија од СЕП.
Сепак, со оглед на тоа дека вицепремиерот Димитров во наредниот период ќе продолжи со интензивни активности и меѓународни контакти, од СЕП наведуваат дека тој ќе изврши редовно превентивно тестирање согласно проактивната политика за тестирање на Секретаријатот.
И од МНР, посочуваат дека во разговор со Комисијата за заразни болести, констатирано е дека организаторите на состанокот ги презеле сите мерки за заштита, во текот на средбите учесниците ги користеле сите мерки и протоколи за заштита при што е констатирано дека во ниту еден момент немало ризичен контакт кој би бил причина за изолација.
Членот на бугарската делегација кој беше на состанокот во Берлин, а добил позитивен резултат на брзиот тест е е заменик-министерот Петко Дојков.
Бугарската вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која ја предводеше делегацијата, е веќе во самоизолација и се чека резултатот од нејзиниот ПЦР-тест.
Како што соопштија од бугарското МНР, Захариева нема симптоми, е во добра општа состојба.
Сепак од ова министерство посочуваат дека резултатите на заменик-министерот Дојков од брзиот тест, сè уште не се потврдени со ПЦР тест.
Покрај Захариева и Дојков, во карантин се сите членови на бугарска делегација која беше во Берлин.