Вицепремиерот задолжен за европски прашања денеска се сретна со европратеникот Андреас Шидер, кој е копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија
Потребно е да се упати јасна порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од Западен Балкан е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров на средбата со европратеникот Андреас Шидер, кој е копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на средбата е изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што вицепремиерот Димитров нагласил дека неодложно е постигнување на консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, за доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапни преговори.
„Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што поскоро официјално стартување на пристапните преговори, процес кој мора да се одвива во европски дух, со почитување на европските вредности како основи на процесот. Успехот ќе значи дека и ЕУ ги реализира своите одлуки и ќе даде поттик за продолжување на реформите и јакнење на демократските институции, не само во Северна Македонија, туку во целиот регион. Потребно е да се упати порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од регионот е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, односно комплетирањето на Европа“,
истакнал Димитров, соопшти СЕП.