Вицепремиерот за европски прашања учествуваше на видеоконференциска средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава
Усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината ќе ги заокружат историските успеси на земјата по зеленото светло за отворање на пристапните преговори и членството во НАТО, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на видеоконференциска средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија.
Според него, вредностите и принципите на Унијата зависат од тоа како ЕУ ќе се постави кон правото на самоопределување на македонскиот народ.
„Како Европската Унија ќе се кон правото на македонскиот народ на самоопределување – ќе влијае врз тоа дали и понатаму ќе можеме на Унијата да гледаме како на заедница на вредности и принципи“,
рекол Димитров, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

Денешната средба е иницирана од амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, по повод неодамнешниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија и пакетот за проширување.
Димитров во тој контекст посочил дека тој претставува објективна и сеопфатна проценка на нашиот напредок, кој ги идентификува областите на кои треба да ги фокусираме реформските активности, со посебен акцент на приоритетните области поврзани со првиот кластер – Темели, соопштија од СЕП.