„Секој Македонец кој ќе биде соочен со ова прашање во текот на евроинтегративниот процес ќе ви каже не, доколку треба да се прегази нашиот идентитет, култура и континуитет“ – рече претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски
Македонија нема да прави повеќе отстапки на патот за членство во Европската унија, бидејќи досега има направено отстапки како ниту една друга држава во унијата и затоа за ова прашање, премиерот има целосна поддршка од партијата „ЗНАМ“, вели лидерот на партијата Максим Димитриевски во одговор на новинарско прашање.
„Џабе ми е мене како Македонец било какво членство во меѓунбародна организација ако јас не се чуствувам во тој момент ништо помалку од Македонец. Секој Македонец кој ќе биде соочен со ова прашање во текот на евроинтегративниот процес ќе ви каже не, доколку треба да се погази нашиот идентитет, култура и континуитет“,
кажа Димитриевски.
Во однос на изјавата на министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фалон која вчера во изјава за црногорски медиум кажа дека Словенија и Германија подготвуваат нон-пејпер со кој нема да има можност за вето или блокада за билатерални прашања во претпристапниот процес, Димитриевски вели дека ваквите тој лично силно поддржува вакви иницијативи бидејќи идејата на Европската унија е да се заштитат помалите во однос на поголемите.
„За жал во моментов согласно поставеноста и постоечките правила во ЕУ секогаш поголемите ги користат моментите како членки на ЕУ да ги решат билатералните прашања. Нашето прашање со Бугарија е отворено и наметнато од една страна, тоа е нивната страна и во континуитет негациите доаѓаат оттаму“,
рече лидерот на ЗНАМ.
Во однос на последните случувања на домашната сцена и обвинувањата од ДУИ дека владејачката коалиција ги напаѓа темелите на Охридскиот рамковен договор, Димитриевски вели дека не очекува дестабилизирање на државата и оти за нив Охридскиот договор е во целост исцрпен и реализиран па затоа нема што повеќе да се дискутира на оваа тема.