Ќе направиме сè да ја добиеме вашата поддршка, им порача Максим Димитриевски на кумановци по вчерашната тесна победа во првиот круг од локалните избори, на кои тој настапува како независен кандидат.
Димитриевски вели дека ова била битка на Давид и Голијат и оти во следните денови од кампањата пред вториот круг ќе тропне на секоја врата за да ја побара поддршката и да победи.

„Ние продолжуваме во нови борби за наше Куманово со цел Куманово да биде поубаво место за живеење. Ова беше борба на Давид и Голијат. Борба во којашто граѓанскиот концепт успеа да ги победи сите политички субјекти и политички партии, но успеа да почне со демонтажа на еден веќе монтиран систем којшто прави груба злоупотреба на системот во партиско политички цели. Кумановчани и ние тоа го игнориравме и заедно успеавме. Драги мои во следните 14 дена ќе продолжиме заедно, ќе тропнеме на секоја врата и повторно ќе ја побараме вашата поддршка. Да продолжиме заедно да го водиме Куманово во еден организиран и успешен град“,
рече Димитриевски.
Тој вчера победи со само 22 гласа повеќе од кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски, со кого ќе се соочат и на 31 октомври. Според првичните резултати од ДИК, Димитриевски имаше 15 164, а Илиевски 15 142.
За победа во вториот круг тие ќе се надеваат на гласовите од оние кои не излегоа вчера да гласаат, но и од они кои вчера им ја дадоа довербата на нивните противкандидати.
Од нив, Тони Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ беше третопласиран со 8 582 гласа, а Беким Салиу од Алијанса за Албанците и Алтернатива заврши како четврти со 4 257 гласови. Теодора Димитровска од коалицијата на ЛДП и ДОМ, пак, имаше 1 028 гласа.
