По првиот круг од претседателските избори народот формира трета опција во државата, а тоа е Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, порача синоќа од Прилеп претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Димитриевски рече дека нема по секоја цена да „бркаат“ власт, туку ќе ја сменат сликата која во континуитет ја гледаме.
Тој смета дека дел од другите листи се листи за аболиција, помилување и за добивање имунитет, а листите на ЗНАМ се креативни и со нови идеи и размислувања.

„Во Македонија никогаш нема да биде исто, ЗНАМ ќе биде секогаш тука, со граѓаните и сме корективот и на власта и на опозицијата. Апелирам до граѓаните да ја поддржат нашата, реално остварлива програма. Нема простор за идна коалиција со ДУИ, бидејќи гледаме голема одговорност од таа политичка партија која е повеќе од 20 години на власт, ниту, пак, можност за коалицирање со ова актуелно раководство на СДСМ. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите чесни членови од СДСМ да ни се приклучат, зашто ги има, зашто ЗНАМ е опцијата која ќе ја придвижи државата напред“,
изјави Димитриевски.
Пред прилепчани се претстави носителот на листата од ова движење во четвртата изборна единица, Миле Цеков, кој рече дека нудат реална програма.
„Народот ја прати пораката, а тоа е масовна поддршка за третата политичка опција, односно, за Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Во програмата нудиме економски реални програми за нашите граѓани. Во делот на земјоделството имаме кратки, едноставни програми. Имаме субвенција, гарантирана минимална откупна цена на производството, во делот на социјалната политика имаме 13. пензија, усогласување на минималната пензија со минималната плата“,
рече Цеков.