Државната изборна комисија едногласно го отфрли како недозволено барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во кое тој бара членовите на највисокото изборно тело во државата да го толкуваат членот 46 од Законот за Владата и неговите надлежности.
Членовите на ДИК истакнаа дека тие не се овластени да даваат мислења, ниту оцени на законитоста на законите и упатија дека автентично толкување на членовите на закони може да даде само собраниската Законодавно-правна комисија.
ДИК заклучи дека барањето се отфрла како недозволено и не претставува акт поврзан со изборите.
Чулев вчера изјави дека барањето е испратено од аспект на тоа што МВР има секојдневни активности, како што се одржувањето јавен ред и мир, откривање и процесирање кривични дела од организираниот криминал…, а со врзаните потписи, нагласува тој, се забавува работата и влијае на намалување на ефикасноста на МВР во однос на секојдневните такви активности.
Ова е второ барање на Чулев до ДИК. И за претходното членовите на ДИК едногласно усвоија заклучок укажувајќи дека не се надлежни да одлучуваат по барањето за мислење на министерот за внатрешни работи во врска со одлуката за именувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР Скопје, која не беше потпишана од дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска.