На гласање граѓаните нема да смеат да одат со маски на кои што ќе има амблеми на политички партии, бидејќи тоа ќе се третира како агитирање на избирачкото место што е забрането со закон. Ова е една од информациите до граѓаните што денеска ја соопштија од Државната изборна комисија.
Исто така, ДИК посочи дека на изборите на 15 јули ќе може да се гласа со пасоши чија важноста истекла од 18 март наваму, за време на вонредната состојба, имајќи предвид дека тие ќе имаат важност до 31 јули.
Елизабета Постолоска член на ВМРО-ДПМНЕ и Дитмире Шеху потпретседателка на ДИК и член на Комисијата предложена од ДУИ, побараа менување на упатството на ДИК за гласање на лицата со ковид-19 и во самоизолација.
Постолoска побара да им се овозможи да гласаат и лица со позитивен тест со ковид-19 кои не добиле решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а како доказ дека се позитивни до ОИК да го достават резултатот од тестот.
Потпретседателката на ДИК Шеху се повика на указот на Владата со што им се даде право да гласаат на лицата кои се со ковид-19 и лицата кои се во изолација.
„Врз основа на информациите од општинските изборни комисии, тие само доставуваат известувања, но затоа што имаат само еден смс или добиле повик од матичниот лекар или од Инспекторатот дека истата личност треба да остане во изолација, додека решенијата ќе им бидат подготвени за кратко време. Досега, тие не успеале да добијат решенија од Инспекторатот дека се во самоизолација, додека крајниот рок за поднесување е 8 јули“,
појасни Шеху.
Но, членовите на ДИК, предложени од СДСМ, Борис Кондарко и Јанаќие Витанов сметаат дека на ден пред завршување на рокот на пријавување на овие лица не може да се менува упатство за гласање на лицата со ковид-19 и во самоизолација.
Рокот за пријавување на гласање на лицата со ковид 19 и во самоизолација или во карантин завршува утре на полноќ. Освен со полномошник, тие ќе можат да се пријават за гласање и преку апликацијата за пријавување за гласање на овие лица поставена на веб страната на ДИК https://izolacija.sec.mk/.
Здравствените работници бараат изземање од ОИК
ДИК на денешната седница вршеше избор на нови членови на местата на оние лица кои барале изземање од ОИК или од избирачките одбори.
До ДИК има пристигнато голем број барања за изземање од здравствените работници кои ќе бидат ангажирани на 13 јули за гласањето на лицата со Ковид и во самоизолација. Во овие посебни избирачки одбори се избрани 300 здравствени работници. Имало 80 оправдани барања за изземање и 20 неоправдани.
Членот на ДИК, Постолоска, ги замоли здравствените работници да не бараат изземање додавајќи дека сите се свесни колку се тие на удар и ангажирани последниве месеци поради пандемијата со ковид-19, но ако се продолжи со ваков интензитет на изземање ние нема да можат да се формираат избирачки одбори.