Првите согледувања за текот на гласањето и за излезеноста Државната изборна комисија најави дека ќе ги објави на прес-конференција во 9:30 часот
Навреме се отворени сите избирачки места и процесот на гласање на локалните избори што денеска се одржуваат во земјава се одвива без проблеми, соопшти утрово Државната изборна комисија (ДИК), пренесе МИА.

Гласачките места беа отворени во 7 часот, а граѓаните кои имаат право на глас ќе можат да го искористат до 19 часот.
Првите согледувања за текот на гласањето и за излезеноста Државната изборна комисија најави дека ќе ги објави на прес-конференција во 9:30 часот.
Првичните резултати од локалните избори ДИК треба да ги соопшти во рок од 12 часа од завршувањето на галсањето.
На денешните, осми по ред локални избори во земјава, се гласа на 3 474 избирачки места, на кои до 19 часот правото на глас можат да го искористат 1 832 415 граѓани.
На локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје каде што се пријавени вкупно 16.
Изборниот процес го следат 1 451 набљудувач, од кои 807 домашни и 644 меѓународни.
Вчера, ден пред изборите, гласаа затворениците, лицата во домашен притвор, болни и немоќни лица и лица во старските домови.